Нов голем минус кога станува збор за продажбата на нови автомобили на европскиот пазар во август 

Во август на европскиот пазар се продадени 881.897 нови автомобили, што е пад на продажбата за 18% во споредба со постигнатите резултати во истиот месец минатата година. Воедно ова е најмал број на новорегистрирани автомобили во август уште од 2016 година.

Ако се погледне вкупната бројка на продадени автомобили од почетокот на годината – 7,247.341, заклучно со претходниот месец, тогаш процентната бројка е уште поголема – 33% полош резултат во споредба со истиот период во 2019 година.

Водечки сегемент во Европа останува SUV сегментот. И во август, 4 од 10 продадени автомобили припаѓаат на овој сегмент – вкупно 358.100 единици. Но и покрај лидерската позиција во однос на продажбата, SUV моделите имаат пад на продажбата од 12%. Сепак, ова е далеку поблаг пад од оној забележан кај MPV возилата (-44%).

Најпопуларни SUV модели се оние кои припаѓаат на Б-сегментот (Peugeot 2008, Renault Captur, Ford Puma), а на кои отпаѓаат 147.000 примероци. Бројот на продадени SUV единици од C-сегментот е 144.700 возила.

Електрификацијата зема замав и тоа веќе е незапирливо. Во август, еден од пет продадени автомобили бил електрифициран – 188.700 (+ 121%) единици. Ако зборуваме за чисто електрични автомобили, во текот на август се продадени 48.800 единици, што е 111% раст на продажбата споредено со август минатата година.

Титулата бестселер во Европа повторно оди кај Volkswagen Golf. Германскиот хечбек во август стигнал до 22.386 нови сопственици. На второ место е Renault Clio со продадени 16.399 примероци, додека на трето место е Peugeot 208 со испорачани 15.382 примероци. На четвртата позиција е уште еден модел од групацијата PSA – Opel Corsa со 15.261 нови регистрации, додека Топ 5 се заокружува со Škoda Octavia – 15.122 продадени автомобили.

Кога станува збор за продажбата на хибриди (каде се вклучени и MHEV возилата), главниот збор го води Toyota Corolla. Јапонскиот хибрид е продаден во 9.916 примероци, следен od друг модел на таа марка – C-HR, кој во август стигнал до 8.368 нови сопственици. Трет на листата на најпродавани хибриди е Ford Puma со испорачани 6.355 примероци.

Со plug-in хибридите ситуацијата е веќе поинаква. Прв на листата е Ford Kuga со 4.856 автомобили испорачани во август. Следува Mercedes А-класа од која се продадени 3.435 примероци, додека на третото место е VW Passat со испорачани 2.181 примероци.

Најпродаван електричен модел во август е Tesla Model 3 со 6.922 испорачани возила. Renault Zoe е на второто место со продадени 6.136 автомобили, пред Hyundai Kona Electric на третото место – 4.012 нови регистрации во Европа.