Збогум легендо! Себастијан Фетел и кажа збогум на Formula 1
Со трката во Абу Даби се спушти „завесата“ на прилично долгата сезона во Formula 1 во која се збогувавме со неколку возачи, а следната година на гридот се доаѓаат некои нови „клинци“ и се враќаат некои поискусни колеги. Сепак, Големата награда на Абу Даби сигурно ќе остане запаметена по збогувањето со една од легендите на овој спорт – Себастијан Фетел
Тивкото момче од Хепенхајм последната трка во кариерата ја возеше во зелениот Aston Martin, болид кој не му даде можност да се бори за самиот врв, но сите љубители на Formula 1 сигурно ќе ги паметат неговите подобри моменти, а на оние малку полошите…сега не е време за тоа.
Заминувањето на четирикратниот светски шампион од Formula 1 на гридот остава празнина која тешко ќе се пополни. Себ беше уникатен по многу нешта и огромното мнозинство на луѓе кои ја следат Formula 1 „внатре“ и „надвор“ ги гледаа неговите последни кругови во Абу Даби со доза на тага. Тоа беше кариера со многу успеси, но и неколку неуспеси. Со победата во Монца во 2008 година, тој си ја „отвори“ вратата на Red Bull, каде постигна резултати кои уште долго ќе го задржат на самиот врв на најдобрите светски возачи.
„Хејтерите“ би рекле дека титулите во Red Bull се резултат на болид кој и немаше конкуренција, а не на возачки способности, но за такво достигнување е потребна комбинација. Тој успех го лансираше во Ferrari, кој бараше возач со кој ќе се врати во победничките патеки, но во тоа, сепак, само донекаде успеа. Резултатски. За време на „авантурата“ во Ferrari, Фетел стана тоа што е денес – пред се, голем човек и чесен возач. Имаше и „мушички“, но тешко е да се издвојат тие неколку „проблеми“ покрај сите добри „дела“ во текот на неговата кариера – а ги имаше многу.
Некои од неговите изјави во тој период во Ferrari сигурно ќе останат запаметени засекогаш, а токму таквиот однос кон најголемиот тим во Formula 1 и нивните навивачи му даде право на Фетел да биде еден од најважните луѓе кои го возеле црвениот болид, а тој не беше најуспешен.
Стартови во Formula 1 ⟶ 299
Победи ⟶ 53
Места на подиумот ⟶ 122
Пол-позиции ⟶ 57
Најбрзи кругови ⟶ 38
Освоени бодови ⟶ 3076
Возчаки титули ⟶ 4
За него доволно говори и фактот што возачите организираа проштална вечера пред почетокот на трката за ГН на Абу Даби, а Ferrari реши да направи дури и мала „журка“ на која на Себ му беше претставен дел од болидот што го возел за време на кариерата.
Во Ferrari, потпишан и со убави зборови од сите вработени, механичари и возачи кои беа присутни на патеката. Со тоа тимот од Маранело покажа колку Фетел навистина значел на тимот и со колкава страст го возел црвениот болид во кој сите сакаат да влезат.
Дополнително, според изјавите на неговите колеги, всушност може да се види колку Фетел бил „голем“. Неколку возачи, исто така, му оддадоа почит со специјални кациги на неговата последна трка, а последното излегување на патеката во Абу Даби сигурно уште многу долго ќе кружи по порталите и социјалните мрежи. Иако секогаш постои можност, тој би рекол дека неговото враќање од возачка пензија е доста тешко за очекување, но со оглед на неговата страст за Formula 1…