Зак Браун: Ако Биното се грижи за етиката, нека ги објави деталите за спогодбата со FIA
Вербалната војна помеѓу McLaren и Ferrari односно Зак Браун и Матија Биното продолжува
Шефот на тимот на McLaren го повика колегата да објави детали за договорот на Ferrari со FIA доколку се грижи за етичност.
Шефовите на McLaren и Ferrari последниве неколку денови се препукуваат преку медиумите. Нивната вербална војна започна поради несогласувањето околу ограничувањата во буџетот на тимовите за 2021 година. McLaren е за драстични кратења, додека Матиа Биното изјави дека намалувањето на границата од 145 милиони долари за Ferrari не е опција.
Италијанецот ја оправдува оваа позиција со етичката должност на Ferrari кон своите вработени, истакнувајќи дека тимот не сака да отпушта луѓе или да ги преместува во други оддели. Зак Браун на тоа одговори дека Ferrari живее во негирање на моменталната состојба и дека во Formula 1 се потребни радикални промени, за сега да отиде и чекор подалеку во своите коментари.
„Јас сум целосно за етичките должности. Но ако веќе говориме за етика, мислам дека би било супер ако Матиа ги сподели со нас деталите за тајната спогодба постигната со FIA за кршење на правилата на нивните мотори. Ако етиката и транспарентноста се веќе тема, мислам дека тоа ќе биде добар пример“, вели Браун.
Како потсетување дека претходно оваа година, FIA и Ferrari постигнаа договор, по истрагата за моторите на Ferrari во 2019 година, но детали за таа спогодба не се објавени и тоа е трн во око на сите други екипи. Инспекторите не можеа директно да ги докажат неправилностите на моторот, а долг судски спор на никого не би му одговарал па затоа и дојде до спогодба.
Претседателот на FIA, Жан Тод неодамна изјави дека би сакал да објави детали за случајот, но објавувањето е можно само со одобрение на Ferrari, што, се разбира, не се случи.