Германскиот автомобилски гигант Volkswagen воочи официјалната премиера во Женева на почетокот од март, откри уште еден концепт на целосно електричен автомобил

Станува збор за I.D Buggy, инспириран од американските пустински баги модели, кои во 60-те и 70-те години беа базирани на легендарната Буба на VW.

Електричниот Buggy лежи на MEB платформата (Modular Electric Toolkit) и е нов член на Volkswagen електричното I.D. семејство.

Оригиналниот кабриолет е направен од Американецот Брус Мејерс во 1964 година, кој барал алтернатива за тешките „джипови“ со 4х4 погон за побрзо движење преку Калифорниските дини.

Оригиналниот Buggy е докажан во возење преку пустината на мексиканскиот полуостров Баха Калифорнија, а потоа го имаат прославено ѕвезди како што се Стив Меквин и Елвис Пресли. До 80-тите се направени околу 250.000 баги возила базирани на Буба.

Сепак, за разлика од оригиналното Buggy, каде моторот е сместен на задната страна и погонот е на задната оска, електричната верзија веројатно ќе има два електро-мотора и погон на сите четири тркала.

Од VW засега нема информација за моќноста и автономијата, ниту пак дали се планира сериска продукција.

Засега од Volkswagen само велат I.D. Buggy е создаден пред сè за да се покажат универзалноста на електричната платформа MEB и нејзините можности во иднина.