Компанијата Nissan има склопено партнерство со продукциската куќа Lucasfilm кое вклучува и промовирање на новиот филм од сагата „Star Wars“, па оттука и не чуди што јапонскиот производител на автомобили пред светската премиера на филмот претстави уникатен Rogue модел

Инспирацијата доаѓа од познатиот вселенски брод од филмскиот серијал, Millennium Falcon, а уникатниот примерок од Nissan Rogue е развиен со помош на дизајнери од Lucasfilm и Industrial Light & Magic.

Автомобилот навистина изгледа импресивно, благодарение на рачно изработените панели на каросеријата кои сосема уверливо го имитираат вселенскиот брод Millennium Falcon. Ветробранското стакло е идентично со она на познатиот галактички брод, а тука се и уникатната боја на каросеријата и уникатните тркала. Има компонентите кои се направени со технологија на 3D печатење, како тањирот на антената на покривот и ласерскиот топ.

Уникатниот дизајн продолжува и на задниот дел на автомобилот каде Rogue е опремен со „ subspace-hyperdrive“ единица која емитува сина боја и се протега по целата должина на возилото. Задното стакло е заменето со три 18-инчни Boose звучници кои произведуваат звучни ефекти од филмот.

Што се однесува до внатрешноста, од компанијата велат дека овој кросовер има Hypedrive конзола поставена на централната конзола, како и копчиња, прекинувачи, осветлување и звучни ефекти, кои се инспирирани од пилотската кабина на Millennium Falcon.

Од компанијата не откриваат многу за механизација на овој кросовер, но веројатно под хаубата се крие 4-цилиндерски мотор со зафатнина од 2.5 литри, кој развива 170 коњски сили и 237 Nm вртежен момент.

„ Solo: A Star Wars Story“ во кината ширум светот ќе почне да се прикажува од 25 мај, а главните улоги ги толкуваат Alden Ehrenreich, Woody Harrelson, Emilia Clarke и Donald Glover. Филмот го обработува животот на познатиот Хан Соло пред случувањата во филмот „ Star Wars“ и се разбира, запознавањето со неговиот верен придружник, Чубака.