Toyota престанува со продажба на дизели во Европа
Јапонскиот производител Toyota годинава ќе престане со продажба на своите возила со дизел погон во Европа
Извршниот директор на Toyota за Европа, Јохан ван Зил, истакнува дека компанијата веќе нема да развива дизел технологија, туку ќе се концентрира на хибридни возила.
Јапонскиот гигант ја донел одлуката по огромниот пад на побарувачката за дизел мотори на Стариот континент, која започна во 2015 година по аферата Dieselgate и манипулацијата со резултатите од тестовите за емисии на штетни гасови.
Toyota својата одлука ја соопшти на тековниот Саем за автомобили во Женева една недела откако германскиот суд одобри забрана за дизел возила да можат да носат градските власти насекаде низ Германија.
Минатата година околу 15 проценти од продадените возила на Toyota биле со дизел погон, што е за половина помалку споредбено со 2012 година.
Во исто време, продажбата на хибридни возила на Toyota постојано се зголемува.