На помалку од една недела пред официјалната светска премиера закажана за Саемот во Пекинг, на интернет се појавија првите фотографии од новиот луксузен концепт наречен Vision Mercedes-Maybach Ultimate Luxury Concept

Како што може да се види од фотографиите, новиот модел на оваа компанија не е само уште една GLS варијанта, како што претходно се претпоставуваше, напротив, моделот повеќе наликува на луксузен седан со зголемен клиренс. Како и да е, инспириран од концептот Vision Mercedes-Maybach 6, дизајнерски изгледа навистина привлечно.

Фотографиите од внатрешноста кои на интернет ги пушти самата компанија Mercedes-Benz даваат увид во салонот каде што се комбинираат бела кожа и дрвени компоненти, но исто така и хромирани детали. Горниот дел од инструмент таблата е покриен со кафена кожа, а отворите за воздух има ист шаблон како и предната маска (решетка) на ладилникот. Ultimate Luxury Concept нуди простор за супер-луксузно сместување на 4 лица во седишта слични на фотелји, додека по средината се простира масивна конзола со луксузни содржини.

Со оглед на тоа дека концептот својата премиера ќе ја има во главниот град на Кина, наместо шампањ, кој е неизбежен детал во луксузни возила од овој тип, производителот нуди традиционален прибор за кинески чај.

Фотографиите не се придружени со детални информации за конфигурацијата и перформансите на новиот модел, па затоа сè уште не е познато каков погонски агрегат ќе се најде под капакот на моторот.