Volvo наскоро ќе ја заокружи новата генерација на своите модели, со што целосно ќе се обнови гамата на возила. Потоа следува посветеност на електричните возила

Во последните неколку години, шведскиот производител изврши смена на генерации на скоро сите свои модели.

Прво, во 2014 година дебитираше новиот XC90 со новиот корпоративен дизајн и механичка платформа и цела нова палета на мотори со четири цилиндри. Следеа модели од серијата 90 – седанот S90, потоа караванот V90 и V90 Cross Country.

По лансирањетро на новите Volvo XC60 и XC40, кон актуелната гама на возила на шведскиот производител во почетокот од 2018 година, се приклучи и караванот V60.

Во најава се уште два други модели, седанот S60 и наследникот на сегашниот V40, кој е последниот изданок на „старото“ Volvo. Моделот S60 ќе се појави оваа година, додека премиерата на новиот V40 е закажана за 2019 година.

Како што дознава изданието Autocar, Volvo по ова ќе направи пауза со лансирање на нови модели, со цел да се фокусира на електрификација на гамата.

Новата ера треба да започне во 2020 година, а планот е до 2025 година, најмалку 25% од моделите на Volvo да користат електричен погон.

„Убаво би било во понудата да имаме кабриолет или купе – овие возила се шлаг на торта за секој производител, но нам не ни се потребни за опстанок, бидејќи со она што го имаме покриваме 98% од пазарот“, објаснува Лекс Керсемакерс, директор за Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА). „Од друга страна, електрификацијата се сфаќаме многу сериозно и забрзано работиме на електрични мотори“, дополнува тој.

Што се однесува до електрификацијата, Volvo во моментов има само plug-in хибридни верзии на неколку модели, но не и целосно електричен автомобил.