Електричните возила се иднината, а како ќе изгледа иднината во која по градовите ќе се возат само автобуси и такси возила на електрична енергија, може да се види веќе денес – во Шенжен

Кинескиот Шенжен е еден од најголемите индустриски центри во Кина, кој со приградските населби брои повеќе од 25 милиони луѓе и во кој свое седиште имаат многу големи компании. Во градот се регистрирани околу четири милиони автомобили – загадувањето е големо, па властите пред неколку години одлучиле да воведат ограничување на бројот на нови автомобили на патиштата. Ова е еден од првите чекори кон намалување на загадувањето, а следните чекори се главно засновани на електрични возила.

Во текот на минатата година Шенжен стана првиот град во светот каде што сите автобуси за јавен превоз, повеќе од 16.000, се напојуваат со електрични мотори. Наместо бучава и загадување, Шенжен води тивка револуција, бидејќи покрај намалување на загадувањето, една од карактеристиките на електричните мотори е тишината.

Сега некои луѓе се жалат дека автобусите се премногу тивки, па често не можат да ги слушнат, поради што се размислува за додавање на звук или звучни сигнали, како на некои модели на електрични автомобили.

Префрлувањето на електрични автобуси секако не било евтино, бидејќи цената на еден автобус е повеќе од 200.000 фунти (220.000 илјади евра), за што на Шенжен во купувањето на истите помогнала централната и локалната власт, соголеми субвенции. Исто така, во градот се поставени бројни полначници и специјални места за полнење на автобусите. Едно полнење во текот на ноќта  е доволно за дневно патување од околу 200 километри.

Откако минатата година се електрифицирала целата автобуска флота, на почетокот на оваа година градот речиси целосно завршил со електрифицирање и на возниот парк на такси службите (станува збор за класични возила, но не за такси-возила како што користат компаниите за споделување на превоз). Од речиси 22.000 таксија во Шенжен, 99 отсто од нив се со електричен погон.

Шенжен е најголем град во светот каде што електричните автомобили ги заменуваат бензинците и дизелите кога станува збор за такси превоз. Сепак, првиот град со целосно електрични такси возила е кинескиот град Тајџуан, каде уште од 2016 година такси возилата се исклучиво на електричен погон.

Loading...