Технологијата на Bose ќе ја намали бучавата која се создава од вибрациите, што ќе биде особено корисно кај електричните возила

Од Bose најавуваат нова технологија наречена QuietComfort, со која ќе се намали бучавата во автомобилот, за возењето да биде потивко и поудобно, а патниците да можат да зборуваат, да слушаат музика и прават повици (се разбира, само hands-free) без досадната позадинска бучава. Технологија не се однесува на бучавата која доаѓа од погонскиот агрегат, тукана бучава што се создава од вибрациите во текот на возењето, што ќе биде особено корисно во иднина, кога на патиштата ќе доминираат електричните автомобили чии мотори се многу потивки во споредба со бензинците и дизелите.

Со намалување на бучавата од моторот ќе се зголеми бучавата како последица од вибрациите, но благодарение на Bose, таквиот шум нема многу да смета при возењето. Нивното решение за активно управување на звукот е базирано на акцелерометри сместени во возилото кои постојано ги следат вибрациите од гумите и суспензијата на автомобилот, а алгоритам врз основа на тие информации пресметува сигнал за сузбивање на бучавата преку аудио системот во самиот автомобил. Алгоритамот се прилагодува на условите на патот, нови гуми, лоша инфраструктура, дупки на патот и слично… Важна улога во намалување на бучавата имаат и микрофоните поставени во внатрешноста на возилото, кои го мерат интензитетот на бучавата и ги оптимизираат перфомансите на технологијата.

QuietComfort во моментов се уште е во развој, а Bose притоа ќе соработува со производителите на автомобили. Првите возила со оваа технологија на патиштата треба да се појават на крајот од 2021.