Американскиот бренд заостанува зад Mercedes, BMW и Audi, но веќе е пред Honda, Porsche и Lexus

И покрај огромните загуби во првиот квартал од годината (над 702 милиони долари), американскиот производител на електрични автомобили Tesla има со што да се пофали.

На пример, во САД и Европа, компанијата е убедлив лидер во електричниот сегмент. При тоа, продажбата на Tesla на Стариот континент е речиси иста како и во САД. За 3 месеци во Америка се продадени 22.425 примероци, а во Европа – 19 500. При тоа, треба да се има во предвид фактот дека испораките на Model 3 на европскиот пазар започнаа дури во февруари.

Што се однесува до продажбата на електрични автомобили во САД, Tesla e далеку напред, а на второто и третото место се наоѓаат Renault Zoe и Nissan Leaf кои имаат продадено нешто над 10.000 примероци помалку. Во најдобрата петорка влегуваат уште BMW i3 и електричниот Volkswagen Golf, додека кросоверите Jaguar I-Pace и Audi e-tron засега заостануваат.

Сепак, Tesla се соочува со проблеми и во Европа и во САД. Пазарното појавување на Model 3 е причина за пад од 40% на побарувачката за кросоверот Model Х. Продажбата на Model S е уште полоша (-60%), што е загрижувачко, бидејќи токму овие два електрични модели ја носат и добивката на компанијата.

Причините за падот на побарувачката на Model S и Model X не се само во цената, туку и во мислењето на клиентите дека нема зошто да плаќаат два пати повеќе, кога можат да си купат Model 3. Проблем е и фактот дека Model S веќе изгледа застарено – автомобилот се појави во далечната 2009 година, неговото производство започна во 2012, а втора генерација на седанот не е предвидена.

Во Европа според продажбата, Tesla веќе надмина брендови како Porsche, Lancia, Alfa Romeo, Lexus и Honda, но тоа не ги смирува Илон Маск и неговиот тим. Сите главни производители во моментов развиваат електрични автомобили. На пример, Volkswagen во наредните 10 години планира да лансира 70 нови модели на струја, за да во 2030 година речиси половина од гамата на модели на концернот да се состои од електрични модели. Во наредните месеци на пазарот треба да се појават Porsche Taycan, Volkswagen I.D. и ID Crozz, Seat el-Born, Škoda Vision E, Audi e-tron Sportback, Audi Q2L e-tron. A тоа е само почеток …