
Tesla го престигна Mercedes во САД и стана трета најпродавана премиум марка
Во исто време, BMW тврди дека Tesla воопшто не е премиум бренд
Според податоците објавени од Experian, Tesla заклучно со септември во САД испорачала 230.855 возила, што ја прави трета најбарана премиум марка во земјата оваа година, пред Mercedes, кој досега има продадено 213.708 автомобили.
На прво место по продажба и понатаму е BMW со 259.237 новорегистрирани автомобили, додека втор е Lexus со 245.864 испорачани возила.
Tesla продала 76 отсто повеќе автомобили во САД во првите девет месеци отколку во истиот период во 2020 година, додека, за споредба, Lexus напредувал за 33%, а BMW за 36%, пишува AutoNews.
„Можеби е премногу рано да се каже дека Tesla трајно го надминува Mercedes во продажбата во Америка, но фактот што успеа да го направи тоа со многу помала палета на производи е импресивен“, вели Џесика Калдвел, извршен директор на Edmunds.
„Со оглед на ситуацијата со недостигот на чипови на пазарот, веројатно е прерано да се дадат какви било долгорочни прогнози бидејќи производителите на автомобили се борат со различни проблеми, но овој резултат сепак ја покажува силата на Tesla. Сепак, важно е да се истакне дека постои дебата дали Tesla треба да се смета за премиум бренд на ист начин како BMW, Lexus или Audi.
BMW: Tesla не е вистински премиум бренд
Од друга страна, извршниот директор на BMW, Оливер Ципсе, смета дека Tesla не се натпреварува во истиот премиум пазарен сегмент како тој германски производител на автомобили.
Ципсе неодамна го искажа своето мислење за Tesla во интервју за германското издание Handelsblatt. Тој не се плашеше да ги критикува моделите на американскиот производител во минатото и за време на интервјуто имплицираше дека BMW е повеќе фокусиран на задоволството на клиентите отколку што е случајот со Tesla.
„Tesla навистина не е дел од премиум сегментот“, вели тој.
„Тие имаат многу силен раст благодарение на политиката на намалување на цените, но ние не би го направиле тоа затоа што треба да задржите одредено ниво. Она по што се разликуваме е нашиот стандард на квалитет и доверливост – имаме различни аспирации во однос на задоволството на клиентите“, објаснува Ципсе.