Студија: Електричните автомобили се поскапи за сервисирање од бензинците и дизелите!
Батериите во електричните автомобили чинат и до 20.000 евра и сите поправки се екстремно скапи
Клучните прашања врзани со електричните автомобили се дали тие се посклони кон самозапалување отколку оние со бензин и дизел и колку чинат нивните поправки по несреќи или дефекти.
На овие прашања одговор се обидела да даде осигурителната компанија Allianzсо голема студија. Според студијата спроведена од Allianz, електричните автомобили се значително поскапи за поправка по несреќи отколку конвенционалните автомобили. Соодветно на тоа, во каско осигурувањето, просечните трошоци за побарувања за чисто електрични автомобили се десет проценти повисоки, а за plug-in хибридите сметките се дури 50 проценти повисоки. Во Allianz не наведуваат, но може да се претпостави дека најголемиот проблем со plug-in хибридите се батериите, кои се наоѓаат во задниот дел на возилото и секако се чувствителни на судири одзади со други автомобили. Кај електричните возила, батеријата е во подот и на тој начин е малку позаштитена.
Батериите за електричните автомобили чинат и до 20.000 евра и сите поправки се екстремно скапи. Ова е нешто за што исто така треба да размислите кога купувате половен електричен автомобил, кому му истекла гаранцијата.
Неверојатно, но некои производители пропишуваат замена на батериите на електричните возила по активирање на воздушните перничиња. Сет кабли во електричен автомобил може да чинат околу 7.000 евра, па затоа некои производители ги опремуваат со заштитни капаци за да не ги изгризаат кучиња, глувци и други цицачи на кои истите им се привлечни.
Конечно, според студијата, електричните возила не се расипуваат повеќе од бензинците и дизелите, и не се посклони кон самозапалување.