Citroen, Peugeot и Opel издадоа засебни соопштенија дека одлуката е донесена за да се обезбеди одржливост на овие модели во иднина

Citroen, Peugeot и Opel кои се дел од групацијата Stellantis веќе оваа година ќе ги исфрлат бензинските и дизел варијанти на нивните патнички комбиња или миниванови од европскиот пазар. Тоа значи дека сите компактни и средни патнички комбиња на овие производители ќе работат само на електричен погон.

Погодени од оваа одлука се Citroen Berlingo, Jumpy и SpaceTourer, Peugeot Rifter, Expert и Traveler, како и Opel Combo, Vivaro и Zafira Life. Сите овие модели веќе се достапни во целосно електрична варијанта што секако го олеснува преминот за Stellantis.

За среќа на компаниите, правилото „само електрична енергија“ нема да влијае на комерцијалните верзии на моделите, кои ќе продолжат да се нудат со погон со внатрешно согорување покрај целосно електричните варијанти. Што се однесува до пазарите надвор од Европската унија, бензинските и дизел варијанти ќе продолжат да се нудат бидејќи прописите за емисија на штетни гасови таму не се толку строги.

Citroen, Peugeot и Opel издадоа посебни соопштенија во кои објаснуваат дека одлуката е донесена за да се обезбеди одржливост на овие модели во иднина. Во исто време, тоа е чекор во вистинската насока бидејќи секоја компанија се префрла на електрична гама во Европа.

Од Citroen велат дека „помалку аеродинамична силуета и зголемена тежина на миниванот резултираат со поголема потрошувачка на гориво, што ја прави бензинската и дизел понуда помалку релевантна“. Во овој контекст, Винсент Коби, извршен директор на Citroen, смета дека ë-Berlingo и ë-SpaceTourer ќе бидат доволни за привлекување клиенти.

Кога станува збор за електричните погонски единици, компактните комбиња добиваат батерија од 50 kWh, додека средните комбиња добиваат и опционална батерија од 75 kWh. Без разлика на нивната големина, сите Stellantis електрични комбиња се опремени со еден преден електричен мотор кој произведува 136 КС (100 kW) и 260 Nm вртежен момент.

Според JATO Dynamics, продажбата на патнички комбиња на Stellantis минатата година била одлична, но огромното мнозинство биле варијанти со внатрешно согорување. Поточно, од јануари до ноември Citroen Berlingo е продаден во 26.179 примероци, а потоа следат Peugeot Rifter со 22.490 примероци и помалку популарниот Opel Combo со 12.929 продадени примероци. Во сегментот на комбиња со средна големина, од Opel Zafira се продадени 9.338 примероци, од Peugeot Traveler 7.319 примероци и Citroen SpaceTourer 5.820 примероци.

Fiat веќе ја најави новата генерација на Scuda, која е сестрински модел на Opel Vivaro и Zafira, Peugeot Expert и Traveler како и Citroen Jumpy и SpaceTourer. Сепак, останува непознато дали новиот модел ќе биде претставен како електричен или конвенционален. Промените веројатно нема да влијаат на стариот Fiat Doblo чија нова генерација веќе е најавена.