Статистика: Каква беше продажбата на нови автомобили во Европа во месец мај?
Европската автомобилска индустрија сè уште ги чувствува последиците од пандемијата со Ковид-19, а на ситуацијата воопшто не и помага недостигот на полупроводници. Сепак, продажбата на електрични и plug-in хибридни автомобили во мај бележи раст
Минатиот месец, бројот на нови регистрации на Стариот континент се зголемил за 73 проценти во споредба со истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на Jato Analitics.
Побарувачката е сè уште далеку од нивото пред пандемијата, бидејќи бројот на регистрирани 1.073.987 возила во 26 европски земји е за 25 проценти помал во споредба со мај 2019 година.
„Податоците се охрабрувачки, но пазарот закрепнува побавно отколку што многумина се надеваа. „Економската несигурност и недостатокот на доверба кај потрошувачите го ограничуваат растот во време кога индустријата се ослободува од традиционалните погонски единици и се прилагодува на построгите еколошки прописи“, се вели во анализата на ЈАТО.
Електричните возила поставија рекорд во мај со 16% удел на пазарот во споредба со 11% во април 2021 година. Побарувачката за чисто електрични автомобили се зголемила за 261% или 83.700 возила и за plug-in хибридите за дури 299% или 87.700 единици. Пазарниот удел на SUV / кросовер модели скокнал од 40,2 проценти во мај 2020 година на 44,6 проценти минатиот месец.
Добрите резултати се должат и на зголемената побарувачка за индивидуални модели како што се Renault Clio, Fiat 500 и VW Golf, кој е и најпродаваниот модел во Европа. Tesla Model 3 е најдобар меѓу електричните автомобили, додека Ford Kuga е најпопуларниот PHEV.