Новиот Kia Niro со препознатлив светлосен потпис се очекува да се нуди во PHEV и EV верзии

Kia објави сет тизер скици и видео на кое се прикажува втората генерација на моделот Nirо и го потврди времето на големата премиера – на Салонот за мобилност во Сеул на 25 ноември во 3:30 часот по наше време.

Најновите скици од дизајнот на Nirо, кросовер сместен помеѓу Stonic и Sportage, откриваат необични LED фарови поставени ниско на предниот браник и тенка хоризонтална решетка над нив истакната со хромирана лента. Задниот дел се карактеризира со тенки и вертикално распоредени задни светла кои ја следат линијата на кровните носачи.

Во кабината, Niro добива редизајнирана едноделна инструмент табла која интегрира дигитална инструмент табла и инфозабавен екран на допир, сличен на Kiа Sportage. Исто така може да се види и високопоставен централен тунел со копче старт-стоп и ново амбиентално осветлување на асиметричната контролна табла.

Втората генерација на Kia Niro се очекува да биде понудена во PHEV и EV верзии, што значи дека веројатно нема да се заснова на најновата архитектура само за електричен погон E-GMP. Најверојатно, моделот ќе биде поставен на изменета платформа на сегашниот модел и ќе нуди зголемен електричен опсег и во двете електрифицирани варијанти. Да потсетиме, првата генерација на Nira беше претставена во 2016 година, а во 2019 година пристигна и фејслифтот.