Шефот на Shell повикува на многу побрза забрана за SUS моторите

Некои земји веќе одлучија да ја забранат продажбата на автомобили кои како погон користат мотори со внатрешно согорување. Како потсетување, Велика Британија таква одлука донесе минатата година, а според неа, почнувајќи од 2040 година, продажбата на бензински и дизел верзии на автомобили и лесни комерцијални возила нема да биде легално.

Сепак, сега се слушаат и гласови кои ги повикуваат властите на Островот, тој датум да биде поместен, односно тоа да се случи многу порано. Она што е големо изненадување е тоа што еден од подржувачите на оваа идеја е извршниот директор на Royal Dutch Shell, Бен ван Берден, а тоа е изнесено во интервју за редакцијата на The Guardian.

Ван Берден својата позиција ја објаснува со итната потреба да се пријде кон решавање на проблемот со очајниот квалитет на воздухот во Велика Британија, особено во зоните околу главните патни правци.

„Ако дојде до промена на датумот за забрана за продажба на конвенционални возила, порано отколку што првично беше предвидено, очигледно ќе биде потег што многумина би го поздравиле. Лично, мислам дека Велика Британија тоа мора да го направи пред други земји, бидејќи нема сите земји во светот да бидат во можност ова да го спроведат толку брзо“. Тој додава дека е очигледно дека голем број земји од Азија и Африка, објективно мора поспоро да го следат темпото на забрани. „Во овој поглед, светот ќе реагира со различна брзина“, вели тој.

По оваа изјава се поставува логично прашање: зошто шефот на една од најголемите нафтени компании би побарал таков чекор? Одговорот е подеднакво логичен. Во принцип, компаниите во нивните развојни планови се потпираат на предвидувања, или проекции на пазарни настани во иднина. Затоа, многу е јасно дека за Royal Dutch Shell ова е многу важно бидејќи активностите на одделот за планирање се базираат на предвидени настани.

Со други зборови, Ван Берден и Royal Dutch Shell прифаќаат дека времето на конвенционални автомобили истекува и тие сакаат да се прилагодат на новите околности и да добијат најмногу корист за својата компанија во времето што следи. Со својата изјава, тој исто така покажува убедување дека забрзаната забрана на SUS моторите ќе доведе до промена на однесувањето на клиентите или до побрзо прифаќање на алтернативни уреди за возење.

Што се однесува до Велика Британија, емисиите на јаглероден диоксид од сите други сектори драстично се намалени, првенствено поради интензивираното користење на обновливи извори на енергија. На овој начин, областа за транспортот останува како најважен фактор кој предизвикува лош квалитет на воздухот. Владата на островот пресметала дека катастрофалното влијание врз здравјето на населението, буџетот го чини околу 3 милијарди долари годишно.

Еден аспект на продажбата на мало на нафтени производи, а кој луѓето често го превидуваат, се однесува на фактот дека значаен дел од приходите на продажните места или бензински станици, доаѓа од продажбата на стока за широка потрошувачка: слатки, сокови и други пијалаци, тутун и сродни производи.

Shell започна офанзива со инсталација на мрежа на полначи за електрични возила на своите бензински пумпи на островот, во обид да привлече возачи со plug-in хибридни и чисти електрични возила.

Во иднина, количините на нафтени продукти што се продаваат на бензински пумпи нема да бидат достапни за да се одржи профитабилноста продажните места. Промени мора да има бидејќи бензинските станици би можеле да станат културни институции – музеи.

Бен ван Берден критички реагира и по повод тужбите против нафтените компании ширум светот, поддржани од бројни градски администрации и други државни институции. Претходно оваа недела, Род Ајленд стана првата американска сојузна држава која поднела тужба против компанијата Shell, како и други индустриски гиганти од индустријата.