Германскиот Audi ги здружи силите со една од водечките корпорации во Кина во областа на технологијата, Huawei, со цел да работат заедно на проекти во областа на интелигентно поврзување на возилата (Intelligent Connected Vehicles)

Договорот, кој вклучува соработка меѓу двете компании во Кина и Германија е инициран од страна на кинескиот премиер Ли Кекијанг и германската канцеларка Ангела Меркел.

„Ние имаме намера и понатаму да се зајакнува стратешката соработка во областа на интелигентно поврзување на возилата со компанијата Huawei“, вели Сад Мец, потпретседател на кинескиот оддел на Audi, и додава: „Нашата цел е да се подобри безбедноста и да се оптимизира сообраќајот, за да можеме да креираме интелигентни градови. Овој концепт првично ќе биде фокусиран само на Кина”.

Интелигентното поврзување на возилата овозможува важни информации да се делат со околината. За да се постигне ова, на автомобилите им треба висококвалитетна и стабилна конекција, а проширувањето на овој вид на комуникација бара интензивно истражување и развој.

Компаниите Audi и Huawei се надеваат дека нивната соработка уште повеќе ќе го забрза развојот на технологијата за автономно возење и развојот на се поголем број на дигитални услуги. Двете компании се согласиле да развиваат и тренинг програми за подобрување на вештините на технолошките експерти во двете области.

„Со овој договор ние влегуваме во нова ера на интелигентното поврзување на возилата што ќе резултира со нова технолошка синергија помеѓу информатичката и комуникациската технологија и автомобилската индустрија”, вели Вени Шон, претседател на LTE Solution во рамките на компанијта Huawei, и додава: „Нашата компанија се залага за зголемување на бројот на иновации трансформирајќи го возачкото искуство“.

Со заедничата работа со Huawei и кинеските власти, Audi стана првиот странски производител на автомобили кои ќе учествуваат во ширењето на LTE-V мрежата на јавните патишта во градот Вукси во Јужна Кина.

LTE-V е мрежа на мобилни комуникации, или стандард кој е специјално создаден за „поврзани возила“. Преку оваа мрежа, на возачите им се пренесуваат информации за сообраќајот во реално време, преку поврзување со системот на семафорите и видео надзорот на раскрсници.

Во септември оваа година, овој проект ќе влезе во следната фаза, кога ќе понуди уште повеќе апликации за возачите.