Рикиардо го прекина победничкиот пост. Норис втор за голема еден-два победа на McLaren на Монца / ФОТО+ВИДЕО
Хамилтон и Верстапен не ја завршија трката по меѓусебниот судир
Даниел Рикиардо е победник на исклучително содржајното Гран при на Италија! Австралиецот славеше пред неговиот тимски колега Ландо Норис, кој ја комплетираше првата двојна победа за McLaren од ГН во Канада во 2010 година! Победничкиот пиедестал го дополни Валтери Ботас (Mercedes) кој трката ја започна од претпоследната позиција.
Иако Рикиардо го презеде водството веднаш по стартот на трката, клучниот момент на трката се случи во 26-от круг. Макс Верстапен и Луис Хамилтон се најдоа во директна конфронтација на патеката, а ситуацијата кулминираше со судир кој и за двајцата возачи значеше крај на трката.
Шарл Леклер (Ferrari) заврши на четвртото место, а Серхио Перез (Red Bull) мораше да се задоволи само со петтото место. Мексиканецот трката ја заврши како трет, но доби казна од пет секунди за прекршување на границите на патеката претходно во трката.
Зад Мексиканецот како шести заврши Карлос Сајнц (Ferrari), а солидна трка извози и Ленс Строл (Aston Martin) кој заврши на седмото место. Нова добра трка за возачите на Alpine и Williams. Фернандо Алонсо заврши осми, пред идниот возач на Mercedes, Џорџ Расел и Естебан Окон како десетти.
Додека за некои тимови ова беше добар тркачки виденд, тоа неможе да се каже и за тимот на AlphаTauri. Јуки Цунода дури и не ја започна трката, а Пјер Гасли се повлече по само неколку круга во трката која ја започна од боксот.
Тек на трката
Даниел Рикиардо како втор на стартот, стартуваше моќно и веднаш го презеде водството во трката пред Макс Верстапен. За Рикиардо, ова е првпат по трката за ГН на Абу Даби во 2018 година да биде лидер во една трка.
Луис Хамилтон за разлика од саботната спринт трка имаше многу добар старт! Тој го претекна Ландо Норис за третото место и беше блиску до престигнување и на Верстапен за второто место. Сепак, дуото имаште мал контакт во втората кривина што веднаш го искористи Норис да ја врати третата позиција!
Нешто пониско во поредокот, Антонио Џовинаци излета од патеката во истата шикана, губејќи го предното крило. Поради инцидентот на Џовинаци, на патеката накратко во сила е виртуелниот безбедносен автомобил.
Фантастична работа на самиот старт заврши и Валтери Ботас. Финецот стигна од „опашката“ на стартот, веќе во 18. круг беше на деветтото место.
Лидерот во трката, Даниел Рикиардо, прв повлече „нога“ и во 22. круг оди на замена на медиум гумите со тврди, со што беше јасно дека стратегијата на McLaren е едно застанување во бокс.
На одговор од Red Bull не се чекаше долго, па веќе во следниот круг и Верстапен оди во бокс. И тука дојде крајот на совршенството наречено „промена на гуми“. Верстапен во боксот се задржа дури 11 секунди, за на патеката да се врати дури како деветти! Во меѓувреме, Хамилтон го престигна Норис.
Во 26 -от круг, и Луис Хамилтон оди во бокс, можеби по малку изненадувачки со оглед дека трката ја започна на тврда компонента па се очекуваше и подолго време да се задржи на патеката до првата промена. Mercedes на неговиот болид постави средни гуми, но и тој во боксот за задржа подолго од потребното.
Британецот на патеката се врати зад Норис, но скоро паралелно со Макс Верстапен. Водечкото дуо во шампионатот влегува тркало до тркало во првата шикана (да бидеме искрени Хамилтон имаше минимална предност), но никој не попушташе! Хамилтон не остави премногу простор, Верстапен го закачува рабникот на патеката, се издига од ударот и завршува врз болидот на Хамилтон. Крај и за двајцата.
Another hugely dramatic moment in the Verstappen/Hamilton title battle ??#ItalianGP ?? #F1 pic.twitter.com/P4J4bN6wX2
— Formula 1 (@F1) September 12, 2021
Судирот на фаворитите за титулата заврши со безбедносно возило на патеката кое на неа остана цели четири круга, се до 30. круг на трката.
Во продолжение на трката, Рикиардо водеше пред Леклерк на второто место и Норис на третото. Серхио Перез беше на четвртото место, а Валтери Ботас направи неверојатен пробив до петтото место.
За жал за домашната публика, Леклер брзо падна во поредокот. На Норис не му требаше многу време и брзо и лесно го помина Монаќанецот. Бргу потоа истото го прават и Перез и Ботас, па Леклерк падна на петото место пред тимскиот колега Карлос Саинз. Во меѓувреме, Перез доби казна од пет секунди, откако го скрати петтиот свиок.
На опашката од поредокот, дуото на Haas повторно се најде во директен судир на патеката. Младиот Мик Шумахер се вртеше на патеката по контактot со Мазепин. Во исто време, Ботас го извозе најбрзиот круг на трката дотогаш – 1:24.827 секунди.
Норис во неколку наврати индиректно преку радио врската ја проверуваше можноста за размена на позиции со Рикардо, а во една прилика изјави дека „Даниел вози премногу бавно“. Сепак, Рикиардо ја сфати пораката и го забрза темпото.
Норис наскоро добива сигнал да ја задржи својата позиција на патеката бидејќи во тимот на McLaren не сакаа да во никој случај да ја ризикуваат двојната победа. Зад нивПерез и Ботас во неколку наврати ги „одмерија силите“ за да на крајот Ботас реши да не ризикува знаејќи дека и онака ќе заврши како трет со оглед на казната на Перез.
До крајот на трката, на патеката за кратко уште еднаш „излезе“ виртуелното возило за безбедност откако Никита Мазепин го запре својот Haas на излезот од шиканата Аскари.
До крајот на трката и немаше премногу содржина. Даниел Рикиардо победи по повеќе од три години, а McLaren по скоро девет години чекање! Последната победа за тимот на Вокинг ја оствари Џенсон Батон во Бразил во далечната 2012 година.
The first team to score a 1-2 this season ???#ItalianGP ?? @McLarenF1 pic.twitter.com/ZHzFLEIHUB
— Formula 1 (@F1) September 12, 2021
2021 Italian Grand Prix / Резултати
2021 Italian Grand Prix / Highlights
2021 Italian Grand Prix / Изјави по трката
Даниел Рикиардо
„Може ли да псујам? Посакувам да можев. Почнав одлично, но немаше гаранција дека ќе го задржам првото место. Немавме некоја супер брзина, но беше доволно да го задржиме Макс зад нас“, изјави Рикиардо. „За Mclaren е голема работа само да се биде на подиумот, а денес остваривме двојна победа. Лудо чувство. Ова е за нашиот Папаја тим, дури и јас останав без текст“.
Потоа ги коментираше своите послаби резултати во почетокот на сезоната и даде причина зошто не беше во форма:
„Ма возев со вреќи со песок во болидот :). Летната пауза навистина добро ми дојде да се ресетирам. Се чувствував подобро во текот на претходните три викенди и постигнувањето 1-2 за тимот е целосно лудо“, изјави Рикиардо.
Ландо Норис
„Благодарност до сите, тимот и навивачите, ова беше неверојатен викенд. Пред 4 години кога се приклучив на тимот ова беше ултимативна цел, а сега имаме 1-2 на крајот. Среќен сум првенствено поради Даниел и моето второ место, но и тимот. Го направивме ова за сите, но знам дека би сакал ова да завршеше и малку поинаку. Но сега сум навистина среќен“, изјави Ландо Норис по трката.
Валтери Ботас
„Никогаш не е лесно кога стартувате одзади, но му реков на тимот дека ќе бидам на подиумот денес. Успеав и мило ми е што успеавме да освоиме малку повеќе бодови од Red Bull. Мислам дека го постигнав максимумот ако се земе во предвид од каде започнав. Изгубивме бодови по судирот на Луис и Макс, но тоа е тркањето“, изјави Ботас.
Што се однесува до судирот на неговиот тимски колега и Верстапен, Ботас само кратко искоментира: „Штета“.
Макс Верстапен
„Мислам дека на двајцата ни беше јасно дека ќе биде блиску во кривината број 1. Ја пресече белата линија и потоа од надворешна страна. Продолжи да ме стиска кога сфати дека не се откажувам. Сакав да соработувам во тој дуел, но сакав и да се тркам. Луѓето веднаш зборуваат за Силверстоун кога се случуваат вакви работи. Не беше убаво во тој момент, но и двајцата сме професионалци и ќе продолжиме да се тркаме “.
„Не очекував дека тој ќе продолжи да ме стиска во кривината, а и не мораше. Да ми оставеше простор, ќе се тркавме на излезот од кривината 2 и веројатно повторно ќе беше пред мене. Но, тој продолжи да притиска и јас немав каде да одам“, изјави Верстапен.
Запрашан дали ризикувал во тој дуел, Холанѓанецот изјави:
„Потребни ви се двајца возачи за да имате соработка. Ако некој не сака, тогаш трките не функционираат. Срамота е што се случи ова. Никој не сака да го гледа, но ние сме професионалци и ќе го оставиме тоа зад себе“.
Луис Хамилтон
„Јас сум малку вкочанет бидејќи неговиот болид заврши на мојата глава, но ќе бидам добро. Она на што можам да се сетам е дека жестоко се тркав. Само што го поминав Ландо на патеката и го презедов водството. Отидов во боксот, а на излегување видов како еден McLaren ме проаѓа и оставив простор. Влегов во првиот свиок пред Макс и одеднаш ми се најде на глава. Тој требаше да го направи она што го направив јас во кривината 4. Оставив простор и тој помина. Тоа е тркање. Знаеше дека ќе има контакт и знаеше дека ќе мора да го прескокне работ. Сега за ситуацијата ќе решаваат судиите. Загубивме две секунди за време на пит-стопот и тоа е фрустрирачки, особено во моментот кога тоа беше важно“, изјави Хамилтон.