Компактниот City K-ZE, со цена од 8.000 долари, доаѓа и во Европа

На авто салонот во Шангај Renault го претстави електричниот и компактен K-ZE кросовер, чија продажба во Кина стартува подоцна оваа година.

Новиот модел ќе има автономија од 250 километри во циклусот NEDC, а првите луѓе на Renault во голема мера се потпираат и надеваат на него во трката за број 1 во однос на производители на глобално ниво.

Ова е најмалиот електромобил на Renault, бидејќи City K-ZE е позициониран под Zoe и практично е многу блиску до Twingo по големина. Меѓуоскиното растојание е малку над 2,4 метри, а волуменот на багажникот 300 литри. Се очекува дека на кинескиот пазар ќе биде достапен за околу 8.000 долари.

Моделот City K-ZE компанијата ќе го нуди со функција за брзо полнење, што во овој случај значи 80% батерија за 50 минути. Важен дел од опремата на електричниот автомобил е инфо-забавниот систем со 8-инчен екран на допир и поврзување со паметни телефони.

Електричниот автомобил е изграден на платформата Nissan CMF-A, која се користи и во моделите Renault Kwid и Datsun Redi-Go во Индија. Сепак, од компанијата на неколку пати објаснуваат дека платформата ќе биде сериозно модифицирана, прво заради електричниот погон и второ, заради тоа што моделот ќе се нуди на пазари, различни од индискиот.

Renault ветува дека производството и перформансите ќе ги задоволат европските стандарди и ако моделот е успешен во Кина, тој ќе биде достапен и на други пазари, вклучувајќи ја и Европа.