Ако се суди според последните извештаи, Тото Волф го известил менаџментот на Џорџ Расел дека Британецот ќе го замени Валтери Ботас следната сезона

 

И претходно се шпекулираше дека младиот Британец ќе го замени Финецот во „сребрените стрели“, особено по импресивното издание кога минатата година на ГН на Сакир го менуваше Луис Хамилтон. Шпекулациите само се засилија оваа сезона, бидејќи изданијата на Ботас во трките се далеку од она што го бара шампионски тим како Mercedes. Ботас не само што значително заостанува зад својот тимски колега, туку генерално заостанува и зад возачите на Red Bull.

Сега, F1 Insider и Sky Italia сугерираат одлуката е донесена и дека официјалното соопштение е неизбежно. Информациите лансирани од овие два медиуми целосно се совпаѓаат.

Хелмут Марко смета дека ваквиот потег би бил „логичен“, без оглед на тоа што Луис Хамилтон можеби нема да биде воодушевен од тоа.

„Тоа би бил логичен чекор“, вели „сивата еминенција“ на Red Bull. „Тоа веќе неможе да се одложува. Во спротивно, финансирањето веќе нема смисла, без оглед дали Хамилтон ќе биде среќен или не со тоа“.

Ако Ботас добие отказ, неговите опции за седиште во 2022 година ќе бидат благо речено слаби, бидејќи многу возачи имаат повеќегодишни договори.

Сепак, едно место секако ќе биде празно, а тоа е она на Расел во Williams. Марко не би бил изненаден ако Ботас заврши во тимот во кој ја започна својата кариера. Всушност, тој смета дека тоа е единствената опција што ја има Финецот, отфрлајќи ја секоја можност за ангажман во Red Bull.

„Ботас не мора да ни се јавува, нема место“, вели Австриецот. „Всушност, единственото нешто што можам да го замислам е да си ги сменат местата со Расел. Мислам дека Williams ќе биде единствената опција за него“.

И Ботас и Расел изразија желба нивната иднина да се реши што е можно поскоро.