Производителите во паника поради новиот тест
Процедурата EVAP може да доведе до предвремено „пензионирање“ на одредени модели
Воведувањето на новиот циклус за мерење на емисиите и потрошувачката на гориво (WLTP) минатата година, предизвика доста турбуленции на пазарот на нови автомобили. Дел од производителите, меѓу кои беа Volkswagen Group, BMW и Renault, не успеаја да го покријат стандардот и беа принудени привремено да ја стопираат продажбата на одредени стари и нови модели. Како последица, истите имаа пад на продажбата и сериозни финансиски загуби.
Во 2019 година претстои втората фаза од WLTP, која вклучува задолжителен тест на испарувања (EVAP). Според директорот за продажба во Volkswagen Group – Кристијан Далхајм, сите нови мотори и трансмисии на концернот ќе мора да поминат нов процес на сертификација.
„Споредбено со 2018 година сме далеку посигурни дека ќе успееме да ги ублажиме ефектите од втората фаза, но и покрај тоа не ја исклучуваме можноста за воведување на привремени ограничувања за дел од моделите во втората половина од оваа година“, објаснува Далхајм.
Daimler, исто така, признаva дека имале многу малку време да се подготват за новите тестови. Како причина за тоа ги наведуваат крајните барања кои беа објавени дури на крајот на ноември минатата година.
„Тоа останува огромен предизвик за нас, но веруваме дека ќе успееме подобро да ги планираме нештата“, коментира шефот за продажба на концернот – Брита Зегер.
Новиот тест EVAP во сила влегува од 1 септември и со него ќе се мерат испарувањата од возилото со исклучен погонски агрегат. Целта е да се ограничи бројот на испарливи органски соединенија во форма на бензинска пареа која излегува од возилото за период од 48 часа.
Кога возилото е паркирано, зголемувањето на температурата на животната средина и сончевото зрачење можат да доведат до истекување на бензинска пареа. Автомобилите имаат систем кој ги задржува испарувањата, но има ограничени можности за апсорпција. Во овој случај, ова важи само за бензинските мотори, бидејќи кај дизелот, притисокот е многу низок.
Покрај тоа, кај сите нови возила ќе биде мерена емисијата на азотен оксид за време на експлоатација на пат (RDE-NOx). Според новите стандарди, дизел автомобилите нема да можат да емитуваат 2,1 пати повеќе од лабораторискиот лимит или 168 милиграми на километар.
Некои производители на автомобили објавија дека се подготвени за новите тестови. На пример, Opel веќе ги презел сите мерки за да осигура дека моделите ги исполнуваат барањата. Алијансата PSA, која е сопственик на германската компанија, исто така е подготвена да ги исполни барања за сертификација.
Од BMW Group исто така велат дека не очекуваат никакви проблеми со EVAP. Баварскиот производител оформил посебен тим кој за да се справи со предизвикот, планирал и веќе ги направил потребните корекции.