Јужнокорејскиот производител Kia Motors во Франкфурт претстави надградена верзија на својот најпопуларен модел во Европа и во светот – Sportage

Sportage добил „освежување“ и во внатрешноста и на надворешноста, заедно со пакет нови безбедносни и технолошки системи, а новите погонските единици се во согласност со новите стандарди за емисии на штетни гасови.

Kia го искористила мосвежувањето на моделот Sportage и за лансирање на новиот хибриден погон со EcoDynamic + 2.0-литарски R-дизел со 48V батерија. Исто така, сегашниот 1.7-литарски CRDi дизел е заменет со нов 1.6-литарски U3 CRDi агрегат или како што велат од компанијата – „најчистиот“ дизел што го произведува Kia.

Доаѓа во варијанти од 115 и 136 КС, а помоќниот модел има погон на сите четири тркала и седум-брзински автоматски менувач со двојна спојка.

Што се однесува до надворешноста, тука се новите предни и задни браници, редизајнираната група на предни и задни светла, новите алуминиумски бандажи достапни во големина од 16, 17 и 19 инчи.

Тука се и петте нови бои, хромирани и металик детали и модели, а GT Line моделите се опремени со сјајна црна предна маска, темно хромирани акценти, двоен издувен систем и нов дизајн ма LED светлата за магла во форма на „коцки мраз“.

Освежувањето на внатрешноста вклучува нов управувач и модифицирана контролна табла, како и тапацир во две бои – црно-сив.

Kia, исто така, го надградила безбедносниот пакет со адаптибилен темпомат и Stop & Go систем, монитор за прегледност при паркирање, систем за предупредување за возачот при пад на концентрацијата во возење.

Европските корисници исто така можат да избираат помеѓу мултимедијални дисплеи чувствителни на допир во големини од 7 и 8 инчи.

Продажбата на освежениот Sportage во Европа ќе започне во текот на третиот квартал од 2018 година.

До 2025 година, Kia ќе лансира 16 модели со напреден погон, вклучувајќи пет хибриди, пет plug-in хибриди, пет електрични возила и ново возило со горивни ќелии.