Porsche се враќа во Formula 1 со голема брзина: Ќе прави мотори за најдобриот тим
Според документите, Porsche е со намера да купи 50 отсто од акциите на компанијата Red Bull Technology, по што заеднички би развиле нов мотор
Porsche веќе подолго време планира спектакуларно враќање во Formula 1 трките, а деновиве „протекоа“ и првите детали. Според документи објавени од Советот за пазарна конкуренција од Мароко, Red Bull има намера да се здружи со Porsche.
Според документите, Porsche има намера да купи 50 отсто од акциите на компанијата Red Bull Technology, по што заеднички би развиле нов мотор според F1 правилата кои стапуваат на сила во 2026 година. Во документите се наведува дека Porsche својот план јавно ќе го објави на 4 август.
Со овој потег Red Bull и Porsche би „убиле две муви со еден удар“. Red Bull бара нов добавувач на мотори, а Porsche сака да се врати во Formula 1, откако ja напушти во 1991 година по катастрофалната сезона со тимот на Footwork Arrows. Плановите за враќање ги потврдија уште во 2010 година, а сега конечно стануваат реалност.
Red Bull моментално користи мотори на Honda (преименувани во Red Bull), но јапонскиот тим официјално се повлече од Formula 1 минатата година и нивната поддршка за Red Bull е многу ограничена. Со оглед на тоа дека концептот нема да се промени до 2026 година, таквата ситуација е сè уште издржлива, но на Red Bull му треба партнер за развој на целосно нов мотор според правилата кои ќе стапат на сила тогаш.
Alfa Tauri не се споменува во документот на Мароканскиот регулатор, но се претпоставува дека и овој тим ќе добие мотори на Porsche во 2026 година.
Porsche не е единствената компанија од групацијата VW која флертува со Formula 1. Очигледно на тоа работи и Audi, но сè уште не стигнале толку далеку колку Porsche.
Formula 1 би можела да претрпи уште многу промени во наредните години. FIA допрва треба да ги објави техничките правила за новите мотори, а тоа би можело да привлече многу производители кои сакаат да профитираат од овој попопуларен спорт.