Од 1 јануари 2023 година за возилата чија цена е поголема од 40.000 евра, стимулацијата ќе се намали од сегашните 5.000 евра на 3.500 евра

Владата на најголемата европска економија, која е дом на реномирани производители на автомобили како што се Volkswagen, Porsche, BMW, Mercedes-Benz…, стимулациите за купување електрични возила повеќе не ги смета за толку неопходни. Затоа во Германија од следната година постепено ќе се намалува сумата што се доделува преку програмата за поддршка за најскапите модели, што означува почеток на целосно укинување на програмата за поддршка. Покрај тоа, поддршката за plug-in хибридите ќе биде целосно укината. Од 2023 година, оние кои ќе купат електрично возило чија цена е под 40.000 евра ќе имаат право на стимулација од 4.500 евра. Оваа можност ќе остане во текот на целата календарска година, а во 2024 година оваа стимулација ќе се намали на 3.000 евра. Во моментов, програмата за помош на германската влада за овие возила доделува стимулација во вредност од 6.000 евра.

Од 1 јануари 2023 година за возилата чија цена е поголема од 40.000 евра, стимулацијата ќе се намали од сегашните 5.000 евра на 3.500 евра. Дополнително, целосно се укинуваат стимулациите за електрични возила чија цена е над 65.000 евра. Во 2024 година овој праг ќе се намали на 45.000 евра. Најавата на германската влада вклучува и прекин на сите стимулации за plug-in хибридни возила до крајот на оваа година.

Plug-in хибридите, веќе не се доживуваат како еколошка опција бидејќи возачите обично ги возат користејќи го бензинскиот мотор, а електричниот мотор очигледно се користи само за добивање на стимулации.