Чезаре Фиорио го коментира подемот на Чарлс Леклерк во италијанскиот тим

Поранешниот шеф на тимот на Ferrari во Formula 1, Чезаре Фиорио ја коментира распределбата на силите во Скудерија по првите две трки од новата сезона – офанзивата на Шарл Леклерк и новата грешка на Себастијан Фетел.

Себастијан Фетел има 4 титули со Red Bull, а Леклерк има две трки со Ferrari. На трката во Бахреин, тимот преку тимска наредба се обиде Леклерк да го задржи зад Себастијан. За разлика од Австралија, овој пат пилотот не послуша, го претекна Фетел и според се што се случуваше на патеката требаше да победи на трката, но дефект на моторот го спречи во тоа.

„Очекував дека ќе биде така“, вели Фиорио за изданието Tutti Motori. „Минатата година многу внимателно го следев возењето на Леклерк во Sauber и можам само да кажам дека беше импресивен. Му беа потребни само 4 или 5 трки во неговата прва сезона во Formula 1, за да се адаптира, а потоа да се наметне во тимот кој почна целосно да работи за него, заборавајќи на другиот возач. Откако пристигна во Ferrari, бев сигурен дека ќе продолжи на ист начин, а тоа ќе биде огромен проблем за Фетел кој прави грешки кога е под притисок“.

Пред почетокот на сезоната новиот тимски шеф на Ferrari, Матиа Биното изјави дека неговите двајца пилоти ќе имаат еднаков статус, ќе можат да се натпреваруваат едни со други, но во одредени ситуации предност ќе има Фетел. Како што беше во Австралија. При крајот на трката, Леклерк возеше веднаш зад Фетел, беше побрз, но остана зад него по наредба од боксот.

На стартот од Гран при трката во Бахреин, Леклерк лошо стартуваше од пол позицијата и дозволи фетел да го помине. Веднаш доби инструкции од боксот во наредните два круга да биде зад него, но само по седум свиоци Шарл го нападна Грманецот, го претекна и ја поведе трката. Се до дефектот ниту еден од неговите ривали не можеше да го следи неговото темпо.

„Претпоставувам дека Биното воопшто не очекувал Леклерк толку брзо да се претвори во закана за Фетел и неговиот статус во тимот“, додава Фиорио кој своевремено беше шеф на Алан Прост и Најџел Менсон во Скудерија. „Ова ќе биде сериозен проблем, бидејќи Леклерк ќе продолжи да го притиска Фетел, а во Маранело не можат да си дозволат внатрешна битка, бидејќи треба да се борат со Mercedes за титулата. Не знам каква ќе биде реакцијата на Биното и што ќе се случи во Ferrari, но во секој случај, ова ќе биде возбудлива сезона“.