По 3 години, завршено најдолгото патување со електричен автомобил
Пред повеќе од три години, еден Холанѓанец го стартувал електричниот мотор на неговиот модифициран Golf и тргнал на авантура долга околу 100.000 километри
Ако еден човек може да се транспортира до другата страна на светот во електричен автомобил, тогаш електричните автомобили навистина би требало да бидат способни за секојдневна употреба, коментира Холанѓанецот Вибе Вакер по завршувањето на неговата авантура за време на која поминал речиси 100.000 километри (застанал на 95.000 ) со електричен автомобил. Пред три години со својот преработен Golf тргнал на патување од Холандија кон Австралија, а попат минал 33 земји, потпирајќи се на помош на волонтери кои му обезбедувале сместување, храна и електрична енергија како и спонзорство.
Тој поминал низ земји како што се Турција, Иран, Индија, Малезија, Индонезија и други, при што немал конкретен план за патување, туку го менувал и прилагодувал во зависност од понудите за гостопримство и сместување кои ги добивал преку својата веб-страница. „Тоа беше најдолгото патување во историјата со електричен автомобил“, се пофалил Вакер, а по пристигнувањето во Сиднеј, за медиумите изјавил дека сака да го промени начинот на кој луѓето размислуваат за електричните возила и воедно да ги инспирира покажувајќи им ги сите предности на е-мобилноста.
Неговата пресметка вели дека за такво патување околу светот со конвенционално возило со бензински мотор би му требале околу 6.785 литри гориво, што, според пресметката за цените на горивото во текот на 2018 година во САД би чинело повеќе од 4.500 долари, а тој на својот пат потрошил само 300 долари за електрична енергија.
Инаку, автономијата на неговиот модифициран автомобил со едно полнење на батеријата е помала од 200 километри, па затоа често морал да застанува и да ја дополнува батеријата на автомобилот, поради што и патувањето се оддолжило толку многу, но неговата цел во секој случај не била брзо стигнување до целта, туку да покаже дека лужето треба барем да размислат за купување на е-возило – ако не веднаш, тогаш барем во иднина.
Со оглед дека цените на електричните автомобили полека но сигурно паѓаат, а се повеќе и повеќе автомобилски компании инвестираат значителни ресурси во развојот на мотори, батерии, самите возила и инфраструктурата, иднината на овој пазар е навистина електричната енергија, иако сигурно ќе биде потребно уште многу време и години пред е-возилата целосно да ги заменат бензинците и дизелите.