Ова е новиот европски Kia Soul
По светската премиера на новата генерација на корејскиот кросовер во Лос Анџелес, Kia ja претстави и верзијата која ќе се продава на европскиот пазар
Интересно е што во Kia одлучиле новиот Soul во Европа да се продава исклучиво во верзија со електричен мотор.
Додека американските купувачи ќе добијат две бензински опции, на Европејците ќе им биде понуден само Soul EV со новите литиум-јонски полимерни батерии со капацитет од 64 kWh.
Корејскиот производител тврди дека новите батерии обезбедуваат поголема автономија од старите, но не објавуваат податоци за очекуваниот радиус на движење, бидејќи тестирањата се во тек.
Информации за тоа колку новиот Soul EV ќе може да помине со целосно полни батерии, Kia ќе објави во почетокот на 2019 година, а што се однесува до погонската единици станува збор за нов електричен мотор кој произведува 204 коњски сили и 395 Nm. Ова е инаку истиот агрегат кој е инсталиран во електричната Hyundai Kona EV.
Не се обелоденети ниту перформансите, но од Kia велат дека возачот е во можност да избере еден од четирите претходно дефинирани режими на возење: Eco, Comfort, Sport и Eco+.
Кога во првата половина на 2019 година новиот електричен кросовер ќе пристигне во Европската продажна мрежа, ќе биде достапен во две нивоа на опременост, стандарден Soul EV и Soul EV Designer Collection.
Верзијата Soul EV Designer Collection вклучува естетски подобрувања и дополнителни содржини како што се каросерија во две бои, премиум аудио систем Harman Kardon со 10 звучници и дополнителен засилувач, кожен волан, греење на седиштата со тапацир од вештачка кожа и слично.
Kia Soul EV за Европа ќе се произведува во Јужна Кореја, а европската премиера најверојатно ќе се случи на саемот за автомобили во Женева, во почетокот на март.