Од Ferrari стигна официјална потврда за тоа што се очекуваше за неколку дена

Карлос Саинц Јуниор е нов член на италијанскиот тим и ќе го наследи Себастијан Фетел по крајот на оваа сезона. Шпанецот договори двегодишна соработка со Ferrari.

По неколку неделните преговори помеѓу Себастијан Фетел и Ferrari, четирикратниот светски шампион и екипата од Маранело не успеаја да постигнат договор за продолжување на соработката, а Фетел на крајот од оваа сезона го напушта италијанскиот тим.

Како што беше најавено практично од најавата за заминување на Фетел, испразнетото место во Ferrari, покрај Чарлс Леклерк, ќе го завземе Карлос Саинц Јуниор, кој во моментов вози за McLaren. 

„Ми претставува задоволство што можам да објавам дека Карлос ќе се приклучи на Ferrari од почетокот на шампионатот во 2021 година. Со пет сезони зад него, Карлос се покажа како многу талентиран и покажа дека има технички вештини и вистински атрибути за совршено да одговара на нашето семејство”, изјави Матија Биното. „Започнавме нов циклус со цел да се вратиме на врвот од Formula 1. Тоа ќе биде долго патување и нема да оди лесно, особено со моменталната состојба во врска со финансиите и регулативите, која ненадејно се смени и ќе бара поинаков пристап во споредба со неодамнешното минато. Веруваме дека нашата возачка постава, со талентот и личноста на Чарлс и Карлос – најмладата возачка двојка во 50-годишната историја на Ferrari – ќе се покаже како најдобрата можна комбинација и ќе ни помогне да ги постигнеме поставените цели“.

По Фернандо Алонсо, Ferrari повторно ќе има Шпанец во своите редови, а интересно е што во 2021 година, за прв пат од 2007 година, италијанскиот тим ќе има возачки состав без возач кој веќе ја има освоено светската титула, освен ако Леклерк успее во таа намера оваа сезона.

Пред да дојде во Ferrari, Саинц ќе ја заврши својата втора сезона со McLaren. Тој беше исклучително успешен минатата година, освојувајќи го шестото место во генералниот пласман на возачи. Мекларен го доведе до четвртото место меѓу конструкторите, а на крајот од сезоната стигна и до својот прв подиум во Formula 1, на бразилскoto ГП. 

„Многу сум среќен и воодушевен што ќе возам за Ferrari од 2021 година. Сè уште имам важна година со McLaren пред мене и навистина со нетрпение очекувам да возам оваа сезона“, изјави Саинц.

McLaren го потврди Рикиардо за следната сезона

McLaren Racing официјално го потврди потпишувањето на повеќегодишен договор со Даниел Рикиардo. Австралиецот до крајот на оваа сезона ќе вози за Renault, а потоа, по истекот на неговиот договор со францускиот тим, ќе се пресели во Вокинг и ќе биде тимски колега со Ландо Норис

„Донесувањето на Даниел е уште еден чекор напред во нашите долгорочни планови и ќе му донесе на нашиот тим возбудлива нова димензија. Ова е добра вест за нашиот тим, партнерите и секако за навивачите. Сакам да му оддадам почит на Карлос и одличната работа што тој ја направи за McLaren, помагајќи ни во закрепнувањето. Тој е вистински играч во тимот и му посакуваме многу успеси во иднина“.

Андреас Сеидл, шефот на тимот, исто така верува дека McLaren и Рикиардo имаат светла иднина пред нив.

„Даниел е докажан победник во трките, а неговото искуство, посветеност и енергија ќе бидат вреден додаток на нашата мисија да се вратиме на врвот. Со Даниел и Ландо, верувам дека ќе имаме двајца возачи кои ќе продолжат да ги возбудуваат нашите навивачи и да помогнат во развојот на тимот. Карлос е вистински професионалец, човек со кој ужива да работи и ќе продолжиме да уживаме во трките со него оваа година. Му посакуваме среќа во следното поглавје од неговата кариера, кога ќе го напушти McLaren“, изјави Сеидл.

McLaren минатата сезона ја заврши на чекор пред Renault кога станува збор за поредокот кај конструкторите, а од следната сезона ќе ги користи погонските единици на Mercedes.