Гласините се потврдени во петокот. Американскиот гигант во автомобилската индустрија, легендарниот Ford, се враќа во Formula 1 од 2026 година како технички партнер на производната единица на Red Bull

Добро е познато дека Red Bull бараше партнер кој ќе им помогне со сопствен дизајн за погонската единица. Долго време се шпекулираше дека Porsche може да биде партнер на британско-австрискиот конструктор, но преговорите пропаднаа. Не долго потоа, Red Bull влезе во приказната со Ford.

„Oва е почеток на еден возбудлив период во Ford Мotorsport приказната кој почна кога мојот пра-прадедо победи на трка. Ford се враќа на врвот на спортот, ја носиме нашата долга традиција на иновации и технологија на една од најголемите сцени во светот“, вели Џим Фарли, првиот човек на Ford.

Одлуката ја благослови извршниот директор на Formula 1, Стефано Доменикали.

„Oва е одлична вест за спортот и ние сме возбудни што Ford ќе се приклучи на веќе неверојатната група партнери и автомобилската индустрија. Ford е глобален бренд со неверојатно наследство во мотоспортот и автомобиската индустрија. Тие ја препознаваат огромната вредност на нашата платформа која има повеќе од половина милијарда гледачи низ светот“.

„Еден од важните фактори за нивен влез во Formula 1 е нашата обврска целосно да ги отстраниме штетните емисии до 2030 година, како и да воведеме одржливи горива во 2026 година“.

„Веруваме дека нашиот спорт дава уникатна можност и нестрпливо го очекуваме логото на Ford на легендарните Formula 1 патеки“.

Ford влегува во долгорочно стратешко техничко партнерство со одделот Red Bull Powertrains. Соработката започнува оваа година и има за цел да развие нова генерација на енергетска единица, која ќе ги напојува автомобилите на Red Bull Racing и AlphaTauri од 2026 година до најмалку 2030 година.