Тимот на Renault не се брза да донесе одлука за замената на Рикиардо, откако Австралианецот потпиша договор со McLaren за следната сезона

Како можни замени за Рикиардо се споменуваат Фернандо Алонсо, Себастијан Фетел и Валтери Ботас, како и некои млади возачи од академијата на Renault. Сепак, Сирил Абитебул вели дека е потребно трпение за да се донесе таа одлука и дека за нив во моментов е поважно да увидат колку се добри на патеката.

„Оваа сезона сè уште не започната. Се што направивме досега е само зимското тестирање!“, вели првиот човек на Renault. „Задоволни сме од зимските тестови, но мора да бидеме претпазливи. Да бидам искрен, јас навистина незнам колку е добар нашиот болид. Имаме свои анализи, но нема да бидеме сигурни се додека не го видиме на патеката. Обично квалитетот на болидот е одраз на квалитетот на тимот, неговите луѓе и возачите. Мојот приоритет е да видам колку е добар болидот за да знаеме каде треба да ги насочиме нашите финансиски ресурси. Сакаме да бидеме добро информирани за нашиот болид пред да донесеме одлука. За нас тоа е многу важно затоа што возачот кој ќе потпише за нас во 2021 година ќе биде таму и во 2022 година. Неодамна се случи домино со возачите, а јас лично сметам дека ќе има уште едно за неколку месеци“, дополнува Сирил Абитебул.

Абитебул додава и дека е разочаран што Рикиардо ја донел одлуката пред да ја види брзината на болидот на Renault за оваа сезона, но разбира дека тоа се должи на притисокот од Ferrari и McLaren.

„Имаме уште една година со Даниел и очекуваме подобри резултати од минатата година. Разочаран сум затоа што мислам дека не можете да изградите ништо без стабилност. Ова важи и за возачите, како и за целата организација. Минатата година имавме многу промени, 70% од нашите вработени доживеаја реконструкција на нивниот сектор. Имаме нови луѓе на повеќе клучни позиции. Посакувам да ги видeвме резултатите од тоа пред Даниел да донесе одлука“.

Абитебул вели дека за него е јасно дека со подобар болид полесно ќе се привлечат нови возачи и се надева дека болидот за оваа сезона ќе ги убеди во тоа. Тој истакнува дека најважната работа во моментот е да се обезбеди иднината во Formula 1.

Извор: GP1