Opel претстави исклучително интересна хибридна верзија на својот кросовер Grandland X

Елегантниот Grandland X Plug-in Hybrid4 со опционална каросерија во две бои комбинира 1.6-литарски турбо бензински агрегат од 200 КС, два електрични мотори од кои секој развива по 109 КС и литиум-јонска батерија од 13,2 kWh. Електричниот мотор позициониран напред е поврзан со осум-брзински автоматски менувач, додека задниот дел е поставен во задната оска, со што се обезбедува AWD поставка.

Овој хибриден систем му дава на Grandland X импресивни 300 КС и 450 Nm вртежен момент, што е значително повисоко од Insignia GSi (256 КС), а во исто време еколошки поподобно.

Благодарение на литиум-јонската батерија од 13,2 kWh, Grandland X Plug-in Hybrid4 може да помине 50 километри само на струја според WLTP циклусот. Кога батеријата ќе се испразни, може целосно да биде наполнета со помош на домашен wallbox приклучок од 7,4 kW за еден час и педесет минути.

Grandland X Plug-in Hybrid4 ќе понуди четири режими на возење – електричен, хибриден, AWD и Sport – овозможувајќи им на возачите да ги прилагодат карактеристиките на автомобилот на нивните желби или на специфичните услови за возење.

Во хибриден режим, просечната потрошувачка е само 2,2 литри на 100 км според новите WLTP стандарди, а емисијата на CO2 е само 49 g/km.

Што се однесува до перформансите, до 100 km/h моделот забрзува за помалку од 6,5 секунди со максимална брзина од 219 km/h, додека во чисто електричен режим таа е 134 km/h.

Продажбата во Европа започнува кон крајот на месецот, а првите испораки се очекуваат на почетокот од следната година.