Новиот Leon IV: Golf 8 со идентитет / ФОТО+ВИДЕО
Шпанскиот компакт од четврта генерација и официјално е претставен
Премиерата се одржа во главниот град на Каталонија, Барселона. Во отсуство на повеќегодишниот менаџер Лука де Мео кој е на портата на францускиот Renault, програмата ја водеше новиот извршен директор на Seat, Карстен Исенси, кој изјави дека развојот на Leon, како столб на продажбата на шпанскиот производител под контрола од групата Volkswagen, ја чинел компанијата 1,1 милијарди евра.
Покрај она „најдобар досега“, она што најчесто можеше да се чуе од домаќинот се однесува на зборовите поврзаност и интуитивност, исто како што тоа беше случајот со осмата генерација на Volkswagen Golf.
Новиот Leon е долг 4.368 mm, широк 1.800 mm, додека висината е 1.456 mm. Ова значи дека новата генерација на компактот од Шпанија е подолга (86 mm), потесна (16 mm) и пониска (3 mm) од претходната. Меѓуосовинското растојание е за 50 mm поголемо, што значи дека моделот се протега на растојание од 2.686 mm.
Димензиите на Leon ST се исто така изменети така што сега е за 93 mm подолг (4.642 mm) од неговиот претходник, додека висината и ширината се идентични со основната варијанта. Истото важи и за растојанието помеѓу двете оски.
Обемот на багажниот простор останал ист и изнесува 380 литри, но затоа кај караванот, сопствениците сега ќе имаат на располагање 30 литри повеќе волумен или вкупно 617 литри, што секако е импресивна бројка. На ова поле, подобра е само караванската верзија на Skoda Octavia, која нуди 640 литри.
Како што е тоа случај и со „роднините“ на Leon од Германија и Чешка, Leon е достапен со предни и задни светлосни групи целосно имплементирани во LED-технологија. Внатрешноста е исто така збогатена со осветлување од ист тип, вклучително и амбиенталното осветлување.
Новиот Leon пристигнува со екран со дијагонала од 10,25 инчи кој е позициониран пред возачот, заедно со уште еден помал (8,25 инчи), но чувствителен на допир. Во погорните пакети на опрема, овој екран стигнува до 10 инчи. Се разбира, тука се опциите за поврзување Android Auto и Apple CarPlay, како и можноста за безжично полнење на паметните телефони.
Seat Leon, како и Volkswagen Golf, ја користи платформата MQB Evo, која може да се очекува и за новиот (наводно) премиум производ, Audi A3, која доаѓа наскоро.
Како што можеше да се претпостави, групата VW одлучила да ги додели истите погонски единици кои ги користат и „близнаците“ од Чешка и Германија. Ова значи дека воведниот Leon ќе се напојува со три-цилиндерски 1.0 TSI мотор. Оваа единица дава 90 или 110 коњски сили. Следи четири-цилиндерски турбо 1,5 TSI кој нуди 130 или 150 „коњи“. Во понуда е и 2.0 TSI со 190 коњски сили, кој доаѓа само со автоматски менувач со двојна спојка.
Најмоќните верзии со ознака 1.0 TSI и 1.5 TSI ќе користат лесна хибридна технологија, а во тој случај Leon ќе има само DSG менувач. Кога станува збор за дизелската понуда, достапен е само 2.0 TDI. Оваа 4-цилиндерска единица ќе испорачува 115 или 150 КС.
Шпанскиот производител на некои пазари ќе понуди и варијанта TGI која користи компримиран природен гас (CNG). Овој Leon под хаубата крие 1,5-литарска единица која нуди дури 130 КС.
Компактите од Германија и Чешка имаат варијанти со ознаките Golf GTE и Octavia iV. Ист е случајот и со четвртата генерација на Seat Leon – ќе понуди и plug-in хибридна варијанта. Оваа варијанта користи 1.4 TSI мотор кој работи во пар со електричен мотор и 6-степен менувач DSG. Тука е и батерискиот пакет со литиум-јонски состав и капацитет од 13 kWh. Вкупната моќност на погонот е 204 коњски сили, додека автономија во чисто електричен режим е околу 60 километри во согласност со протоколот WLTP.
Новиот Leon во изложбените салони во Европа треба да се појави некаде на пролет, а изданието Cupra ќе следи подоцна.