Новиот монструм од Mercedes e тежок повеќе од четири тони

Штотуку инаугурираниот германски канцелар Олаф Шолц ќе добие нов автомобил со специјална заштита. Mercedes-Benz S 680 Guard е името на тврдината од автомобил кој даночните обврзници во Германија ќе ги чини најмалку 547.400 евра. Освен за Шолц, ова возило е достапно и за секој обичен човек кој може да си го дозволи. За обичната S-класа се потребни 50 часа работа, а за Guard 50 дена.

Сè започнува со изградба на кафез од оклопен челик, карбонски влакна и стакло ламинирано со непробојна фолија дебела десет сантиметри. Потоа на возилото се поставува фабричката каросерија. Резултатот ги задоволува највисоките стандарди: државните инспектори испукале над 300 куршуми од автоматска пушка во лимузината и активирале 12 килограми пластичен експлозив покрај неа пред да го дадат печатот VR10.

Покрај балистичката заштита, S-Class има и гуми отпорни на дупчење, автоматски апарат за гаснење пожар и систем за компримиран воздух кој може да спречи навлегување на отровни гасови.

Идејата била да се задржи производната форма бидејќи повеќето од овие возила на Mercedes се продаваат на клиенти кои се во опасност, како и на шефови на држави, но сакаат да останат незабележани од јавноста.

Mercedes на овој Guard му го дал најголемиот и најмоќниот мотор во својата понуда – 6-литарски V12 (450 kW / 612 КС) со максимални 830 Nm. Просечно троши 19,5 литри (емисии на CO2 442 g/km). Додека нормалната S-Class постигнува електронски ограничени 250 km/h, Guard може до максимални 190 km/h, што со оглед на масата од 4,3 тони е сосем разбирливо.

Поради зголемената тежина, купот технологија и нагласеното подуправување во свиоците, Mercedes нуди посебен курс за возачите.