Со последната одлука на РКЕ е извршено зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,02%, во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно Одлуката на РКЕ на Република Северна Македонија од 06.12.2021 година

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемени за 2,00 денари/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 06.12.2021 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 73,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 75,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 64,50 ден/лит.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), е зголемена за 1,50 денари/литар, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 06.12.2021 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 64,50 ден/лит

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС е зголемена за 1,526 денар/килограм, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 06.12.2021 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 40,053 ден/кг.

Во образложението на одлуката стои: 

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за 5,848 % или за 38,750 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 4,015 % или за 24,450 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 5,285 % или за 31,500 $/тон, и кај мазутот зголемување во просек за околу 4,763 % или за 21,950 $ тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 54,6937 ден/$ и е за околу 0,31 % повисок од курсот на доларот (54,5245 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.