По Haas, Red Bull, Williams, Alfа и AlphaTauri, својот болид за Светскиот шампионат во Formula 1 за 2023 година го претстави и McLaren. Машината која оваа сезона ќе ја возат Ландо Норис и Оскар Пиастри се вика MCL60.

Болидот ова име го добил поради 60-годишнината од основањето на McLaren Racing од страна на Брус McLaren. Токму затоа е е прекината серијата при именувањето на болидите, па така минатогодишниот MCL36 нема да го наследи MCL37, туку гореспоменатиот MCL60.

Пред тој голем јубилеј, тимот на McLaren Ф1 претрпе многу промени. Во текот на зимата тимот го напушти досегашниот шеф на тимот Андреас Сеидл, кој се пресели во Sauber, а неговото место беше пополнето од внатрешни резерви. Нов шеф на тимот е Италијанецот Андреа Стела.

Промени се случија и кога станува збор за возачкиот состав. Ландо Норис веќе може да се смета за староседелец во McLaren, а неговиот нов тимски колега ќе биде дебитант во Formula 1 – Оскар Пиастри. Во 2023 година, McLaren ќе ја има најмладата возачка постава меѓу десетте тимови во шампионатот.

„Со воодушевување влегуваме во 2023 година со Ландо и Оскар, а во оваа прилика прославуваме и 60 години МcLaren racing. Нашите возачи се екстремно возбудливи бидејќи Ландо е интелегентен и самоуверем возач со одлична брзина, а му се придружува еден од најголемите таленти кои доаѓаат – Оскар.

Под раководство на Андреа Стела, кој сега е на позицијата шеф на тимот, од декември 2022 година, имаме одличен тим за сезоната 2023.

Ние сме еден од најстарите тимови во Formula 1 и обележувањето на 60-годишнината е големо достигнување. Ние имаме богата историја која досега се до основањето на McLaren Racing во 1963 година, па соодветно е да одадеме почит на тие децении со името на нашиот автомобил – MCL60“.

Зак Браун, извршен директор на McLaren

Вториот најуспешен тим во историјата на Formula 1 годинава ќе се обиде да направи чекор напред, откако минатата година заврши на петтото место во поредокот на конструктори. По третото место во 2020 година, McLaren во претходните две сезони се врати чекор назад и главната задача е да се прекине таа негативна низа.

„Што се однесува до подготовките за сезоната, ова е важен ден затоа што го претставуваме нашиот болид. Сакам да му се заблагодарам на целиот тим, а овде зборуваме за 700 луѓе. Најголем предизвик ќе биде да се напредува кон горниот дел од поредокот. Сакаме да се приближиме до крајот на работата на нашите инфраструктурни проекти и општо да ги подигнеме стандардите во нашиот тим.

Чест е да се води Мclaren Racing во сезоната кога се прославува 60 годишнината од основањето. Ние имаме посветена и талентирана група на луѓе во МcLaren и со нетрпение го чекаме почетокот на сезоната и стартот на тркањето со нашиот MCL60 по напорната работа и големиот труд во изминатите месеци“.

Андреа Стела, шеф на F1 тимот на McLaren

Минатата година Ландо Норис го освои седмото место во поредокот кај возачите, а најдобар резултат му беше третото место во Имола.

„Ова ми е петта година во Formula 1 и се надевам дека оваа сезона ќе бидам позитивно расположен, по една година тркање по новите правила. Беше добар предизвик да ​​се адаптирам на нив и чувствувам дека сум во добра позиција да продолжам да напредувам како возач. Јас уживав во моето патување со тимот до сега, а да се биде дел од прославувањето на 60-годишниот јубилеј на McLaren е привилегија“.

Ландо Норис, возач на McLaren

Новиот болид своето официјално деби ќе го има на претсезонските тестирања во Бахреин од 23 до 25 февруари. Првата трка е закажана за 5 март.