На десет дена пред почетокот на претсезонските тестирања, тимот на Aston Martin претстави новиот болид со кој ќе се обиде да дојде до самиот врв на поредокот, а оваа сезона во тимот заедно со Ленс Строл ќе биде и искусниот Фернандо Алонсо.

На самата презентација беа присутни возачите и раководството на тимот, предводени од Лоренс Строл и Мајк Крак. 

„Зимата беше многу напорна затоа што се обидував да му помогнам на тимот на сите начини за денес овде да стојат со овој прекрасен болид. Вработивме многу нови работници и инженери со кои очекуваме напредок во ранкингот и наскоро да се бориме за врвот. Фабриката која сеуште е во изградба е со најдобар можен квалитет кој сигурно ќе ни помогне во иднина, но верувам дека овој болид е доволно добар да биде близу до најдобрите“, вели Лоренс Строл.

„Напредуваме во секој сегмент и работевме напорно цела зима за да бидеме подготвени за првата трка. Имаме многу интересен возачки состав со кој се надеваме да постигнеме вистински резултати. Фернандо е толку долго во Formula 1 што ни носи мир, а Ленс заслужи конечно да се добие болид со кој може да се бори за врвот“, вели Мајк Крак.

Двајцата возачи на Aston Martin беа доста убедени дека тимот завршил многу добра работа во текот на зимата, но јасно кажаа дека не очекуваат да се борат за самиот врв оваа сезона.

„Одлично се снајдов во новиот тим. Многу сум задоволен од она што ме пречека во екипата, а со новата фабрика може да биде само подобро и подобро. Знам дека нема кратенки на патот кон врвот, но верувам дека можеме да бидеме добри. Треба да одиме чекор по чекор и верувам дека многу наскоро ќе бидеме на позицијата каде што сакаме да бидеме – во борба за самиот врв“, вели Алонсо.

„Се одморив во текот на зимата и ги полнев батериите за долгата сезона пред нас. Целта е напредок во споредба со минатата сезона, а со оглед на тоа како напредувавме од почетокот на мината сезона, верувам дека можеме да направиме уште еден чекор напред оваа година. Многу работи се сменети на подобро во тимот, и се надевам дека постојано ќе се бориме за бодови, а со малку среќа и во битката за првите места“, заклучува Строл.