Вчера во Барселона започна вториот и последен предсезонски тест во Formula 1. На крајот од денот, Ландо Норис со McLaren успеа да биде на врвот од поредокот

Зад него најдобро време остварија Пјер Гасли од Red Bull со минимално заостанување и Ленс Строл од Racing Point. Норис своето најбрзо време го извозе на најмеката компонента C5, Гасли на C3, а Строл на компонентата C4.

Веќе првиот ден, Mercedes направи многу промени на својот болид, почнувајќи од промена на предното крило, страниците, капакот на моторот, па се до задното крило. На почетокот попладневната тест сесија, Ботас мораше да застане поради проблем со погонската единица, по што Mercedes беше принуден да остане во гаражата за да го смени моторот.

Ferrari исто како Mercedes, извозе помалку кругови од минатата недела, а една од причините беше проблем со системот за ладење што бараше дополнителни проверки од страна на механичарите.

Најмногу кругови извозе Пјер Гасли, а во топ три, според бројот на извозени кругови се и Магнусен и Расел со Williams, кој конечно направи многу кругови што ќе биде многу важно во понатамошниот дел од сезоната.