Lamborghini и Ducati остануваат дел од групацијата VW
Надзорниот одбор на групацијата Volkswagen очигледно не дозволи продажба на италијански брендови
Во краткото соопштение се наведува само дека Lamborghini и Ducati ќе останат дел од германската компанија, но нема информации за судбината на Bugatti. Да потсетиме, шпекулациите оваа есен беа дека Bugatti ќе премине во рацете на Rimac Automobili, a дека VW ќе побара поголем удел на хрватската компанија.
Од останатите вести во врска со брендовите во германскиот гигант, Bentley ќе добие нов „шеф“. Британскиот производител на луксузни возила ќе биде под контрола на Audi и тоа од 1 март 2021 година. Една од причините за ваквиот потег е потребата за поголема синергија помеѓу овие брендови во областа на електрификацијата.
Надзорниот одбор на групацијата му даде поддршка на извршниот директор Херберт Дис, истакнувајќи дека без неговата посветеност, трансформацијата на компанијата не би била толку брза и ефикасна.
Групацијата Volkswagen издаде и соопштение во врска со новиот електричен модел кој ќе се произведува во Волфсбург. Овој мистериозен автомобил е означен како „возило на иднината“, но засега нема конкретни информации. Сепак, фабриката во Волфсбург е планирана за спроведување на автоматски процес на производство, што дополнително ќе овозможи заштеда во наредните години.