Колку заработуваат производителите на автомобили во секунда?
Првиот на листата – групата Volkswagen заработува 12 пати повеќе од последниот – Tesla
Уште од кога биле измислени, автомобилите биле движечка сила на светската економија. Тие се користат секојдневно и во различни прилики, како на пример за одење на работа, за одење на годишен одмор, за превоз на стока… Автомобилот стана составен дел од секојдневниот живот на луѓето, толку многу што минатата година се произведени 92 милиони единици ширум светот.
Се разбира, некои компании работат подобро од други. Групацијата Volkswagen, која е на врвот од класификацијата за 2019 година, истата година имала и најголеми приходи. Со своите 290,2 милијарди американски долари, германската група, која поседува брендови како Porsche, Audi и lamborghini, ги надминува сите свои конкуренти.
Visual Capitalist спровел истражување во кое ги собрал приходите на 19 најголеми производители на автомобили. За да ни даде подобра претстава за огромните пари што се вртат во индустријата, во Visual Capitalist го пресметале бруто приходот на компаниите остварен за една секунда.
Во рангирањето, групата Volkswagen e на првото место со 9.200,88 долари во секунда, пред Toyota со 8.634,58 и Ford со 4.946,76 долари. Во првите пет односно врвот се и Honda и GM со 4.537,67 долари и 4.535,77 долари во секунда, соодветно. Интересно е што приходот на групацијата Volkswagen е скоро 12 пати поголем од истиот на последниот на ранг-листата – Tesla, која прави нешто повеќе од 780 долари во секунда.