Колку заработиле првите луѓе на големите автомобилски производители во време на криза
Јазот во платите меѓу американските и европските концерни е космички
Извршниот директор на General Motors, Мери Бара е најскапо платениот прв човек во автомобилската индустрија за 2020 година, пренесува Automotive News.
И покрај кризата предизвикана од пандемијата со Covid-19, таа заработила 23,7 милиони долари, што е далеку пред останатите. Основната плата на Бара е 2 милиони американски долари, но таа добива уште 3,8 милиони долари за краткорочни стимулации, како и 13,1 милиони дивиденди.
Нејзиниот колега од Fiat Chrysler Automobiles – Мајк Менли, заработил 14,2 милиони долари пред спојувањето на италијанско-американскиот производител со PSA во новиот концерт Stellantis. Поранешниот извршен директор на Ford, Џим Хакет, кој ја напушти функцијата во октомври, заработил нешто повеќе – 16,7 милиони долари. Неговата замена, Џим Фарли, минатата година заработил 11,8 милиони долари.
Меѓу оние кои ги објавија платите на своите први луѓе е и Tesla од каде велат дека извршниот директор Илон Маск, во 2020 година не добил плата од компанијата. Сепак, Маск одработил 6 од однапред договорените фази во неговиот договор за развој на компанијата, а со тоа и можност за 50,6 милиони акции на производителот на автомобили по цена од 70,01 долари по акција.
Акцијата на Tesla во моментов чини скоро 700 долари за акција, што значи дека Маск би можел да заработи 32 милијарди долари ако ги продаде. Сепак неговиот договор со компанијата го ограничува, бидејќи предвидува акциите да ги поседува најмалку пет години пред да може да ги продаде.
Разликата помеѓу приходите на автомобилските шефови во Соединетите држави и Европа е космичка. Извршниот директор на Ferrari, Луис Камилери, кој поднесе оставка во декември, заработиl 375.846 евра (453.365 американски долари) за цела 2020 година. Од нив, 363.960 евра е неговата плата, а 11.886 евра се пари за дополнителни трошоци, кои вклучуваат употреба на службен автомобил на Ferrari.
Извршниот директор на Daimler, Ола Калениус заработил 1,6 милиони долари во 2019 година и 4,2 милиони долари во стимулации. Во 2020 година, тој ја намалил својата плата за 20% поради пандемијата со Covid-19.
Најтешко е да се најдат информации за платите на извршните директори на јапонските производители. Последната е од 2018 година, која дава информација за платата на шефот на Toyota, Акио Тојода (3,5 милиони долари).