Чешкиот производител на автомобили ја претстави четвртата генерација на својот претставник во Б-сегментот

Томас Шефер, првиот човек на чешката марка, на презентацијата на моделот изјави дека со четвртата генерација на Fabia започнува новата ера во долгата историја на Škodа, но и дека Fabia ќе остане модел наменет за широките народни маси. Малиот хечбек ќе има почетна цена во повеќето европски земји помала од 14.000 евра.

Новата Fabia доаѓа опремена со светлосни групи кои се изработени во LED технологија, што на новиот хечбек му дава дополнителен шмек. Генерално, презентираниот модел е поатрактивен од неговиот претходник, но дизајнот сепак е еволуција на она што можеше да го видиме во третата итерација. Посебно внимание се посветило на аеродинамиката, така што новата Fabia има најдобар резултат во класата од 0,28 cd кога станува збор за коефициентот на отпор.

Новата Fabia е преселена во платформата MQB A0, која ја користат голем број сестрински возила од целата групација Volkswagen. Оваа архитектура нуди помалку маса и повеќе простор за четвртата итерација на малиот градски модел на Škoda, кој веќе и не е толку мал.

Хечбекот значително е поголем во споредба со неговиот претходник. Долг е 4.107 mm, широк 1.780 mm, висок 1.460 mm, додека меѓуоскиното растојание е 2.564 mm. Последниот податок е многу важен затоа што претставува зголемување од 94 mm во споредба со поранешниот модел, што особено се рефлектира во понудата на простор на задната клупа.

Škoda наведува дека прагматизмот бил и останува една од доблестите на Fabia. Така, новата генерација нуди и исклучително голем багажник со зафатнина од 380 литри, што е за 50 литри повеќе отколку во третата итерација на овој автомобил.

Кога станува збор за ентериерот, тука може да се забележи мало дежаву, бидејќи кабината е многу слична на она што може да се види во новата Octavia. Пред возачот се наоѓа волан со два крака со неколку копчиња, додека улогата на инструмент табла ја игра 10,2-инчен екран. Се разбира опционално, бидејќи новата Fabia во основната верзија доаѓа со аналогни инструменти.

На врвот од централната конзола е поставен нов дисплеј на допир за управување со инфо-забавниот систем. Дијагоналата на истиот е 6,8 инчи, а опционално дури 9,2 инчи. Чесите решиле да ги задржат физичките прекинувачи и копчиња на централната конзола, што дефинитивно е попрактично решение од различните „напредни“ опции.

Од Škoda наведуваат и дека за прв пат Fabia има двозонска климатизација, која досега беше резервирана за модели од повисоките класи. Општо, Чесите тврдат дека го подигнале квалитетот на материјалите што се користат во кабината и посочуваат дека користеле мека пластика на горната табла, што досега не беше случај со Fabia.

Кога станува збор за моторната гама, новата Fabia ќе се потпира исклучиво на бензински мотори. Воведниот погонски агрегат е 1.0-литарски атмосферски 3-цилиндерски мотор кој нуди скромни 65 КС и 95 Nm, проследено со малку помоќна верзија на истиот мотор со 80 КС и 95 Nm.

Потоа, тука е 1.0-литарскиот 3-цилиндерски турбо мотор во две изданија. Послабата варијанта има 95 КС и 175 Nm и е во комбинација со 6-степен мануелен менувач, додека помоќната опција се потпира на 110 КС и 200 Nm, и нуди опционален DSG менувач.

Врв во понудата е 1,5 TSI, односно агрегат со четири цилиндри во линија, што можеби малкумина го очекуваа во понудата на новата Fabia. Овој погонски систем на возачот ќе му понуди 150 КС и 250 Nm, а моќноста ќе се испраќа до тркалата преку седумстепен менувач DSG. 1.5 TSI е опремен со технологија што овозможува „исклучување“ на два цилиндри кога не е потребно, а се заради заштеда на гориво.

Што се однесува до технологијата, новата Fabia оди чекор напред од претходниот модел, особено во областа на системите за активна и пасивна безбедност. Škoda наведува дека за прв пат во својот модел од Б сегментот во понуда се т.н. Travel Assist  и Park Assist. Првиот комбинира неколку системи и во суштина овозможува полуавтономно возење на автопат, бидејќи возачот сепак треба да ги држи рацете на воланот.

Вториот систем е еден вид на помош за паркирање, каде што системот може да ја преземе целосната контрола врз возилото, доколку возачот го дозволи тоа. Новата Fabia доаѓа и со други напредни технологии како што се системите за препознавање сообраќајни знаци, како и веќе вообичаениот AEB.

Škoda нема намера да се откаже од својата Simply Clever мантра, па така и четвртата генерација на Fabia нуди неколку многу интересни и практични решенија. Покрај чадорот во вратата, има и посебни џебови на задниот дел од предните седишта за мобилни телефони, потоа специјални држачи за картички и монети во одделот за ракавици, како и USB приклучок сместен зад централното ретровизор. Овој приклучок е наменет за напојување на сообраќајни камери.

Марката од Млада Болеслав има големи очекувања од новата Fabia. Моделот е позициониран така што е далеку подостапен од конкуренцијата од Франција, нуди далеку поголем простор во кабината отколку повеќето ривали, додека новите дизајнерски решенија се наменети да бидат попривлечни за помладата популација.