Со оглед на фактот дека Европа најсилниот удар од пандемијата на коронавирус го претрпе минатиот месец, тоа секако имаше сериозно влијание врз продажбата на нови автомобили на Стариот континент

Во април на европскиот пазар се регистрирани 292.182 ново регистрирани автомобили, што е намалување од дури 78,3% во однос на истиот месец во 2019 година. Во првите четири месеци од 2020 година, во Европа се продадени 3,3 милиони возила, што е намалување за 39% на годишно ниво споредбено со 2019 година, пренесува Reuters.

Статистиката ги опфаќа земјите-членки на Европската унија, потоа Велика Британија, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

Најголем пад на продажбата во април забележале Италија (97,6%), Велика Британија (97,3%) и Шпанија (96,5%).

Групацијата Volkswagen во месец април забележалa пад на продажбата од 75%, Renault 79,5% и PSA 82,4%. 

Но, големиот пад на продажбата на нови автомобили во април не е својствен оамо за европските земји.

Во Бразил минатиот месец се испорачани 77% помалку нови возила во однос на април 2019 година, што е најлош месечен резултат во последните 20 години. Во април во Бразил биле продадени само 51.500 нови автомобили.

САД во истиот месец регистрирале пад од 47% (испорачани 707.800 автомобили), што е најлош месец од јануари 2010 година.

Помалку погодена е Јапонија каде продажбата на нови возила во април паднала „само“ за 30 проценти (219.200 единици).

Од најголемите светски автомобилски пазари за автомобили, земјата која најдобро минала е Кина. Автомобилскиот пазар во оваа земја во голема мерка се опоравува од кризата предизвикана од епидемијата на коронавирус, така што во април се продадени 1,5 милиони возила што е пад од само 2% споредено со минатата година. Во првите четири месеци од 2020 година, во Кина се испорачани 4,4 милиони нови автомобили (-35%).