Кој ги произведува најдоверливите автомобили?
Едно од најчесто поставуваните прашања од потенцијалните купувачи честопати не добива директен одговор
Но, има многу истражувања кои, врз основа на искуството на сопствениците, како и сервисните статистики, резултираат со рангирање според степенот на доверливост на модели и марки на возила. А на овие топ листи, редовно во самиот врв се јапонски и корејски брендови со по некој „Германец“. На дното пак, скоро секогаш е во знакот на британските и италијанските брендови. И да, секако е важно да се направи разлика помеѓу истражувањето за доверливост и задоволството на сопствениците, како и дали станува збор за нови или користени автомобили.
Што вели американскиот Consumer Reports?
Во овогодинашното издание на истражувањата за доверливост на моделите и марките на автомобили, Consumer Reports го објави своето рангирање како дел од Annual Auto Reliability Survey. Традиционално високо се рангирани јапонските брендови како што се Lexus, Mazda и Toyota.
Исто така, забележително е дека некои од т.н. фенерџии се поправиле, пред се заради редизајн, па така има промени на подобро кај Mini, Chrysler и други.
Исклучок се Volkswagen Atlas и Tiguan, кои останale исто толку проблематични како што биле и во 2018 година, кога беа лансирани. Истото важи и за Acura, која има рекорден пад на годишно ниво од дури девет места.
Интересно е што, пад имаат и германските гордости, Audi и BMW, а за пофалба не е ниту Subaru. Новите А6, X5 и Forester ги срушиле резултатите на споменатите брендови. Интересно е што во групата на проблематични влегува новата BMW Серија 3, па и Audi Q8.
Поради недостаток на модели од истражувањето се изоставени Fiat, Jaguar, Land Rover, Maserati и Ram, сите кандидати за дното.
Tesla секогаш е критикуванa од страна на Consumer Reports за недостигот на доверливост. Сите модели досега беа доста ниско во рангирањата. Сега се подобрени и влегуваат во групата на „препорачани“, особено Model 3 и Model S. Тesla сепак е сеуште ниско пласирана, на 23-то место од 30.
Со просечен резултат од 81 поени (од можни 100), Lexus е на врвот. По него следуваат Mazda и Toyota со 77 поени, а потоа следат Porsche (75) и Genesis (71), кои ги заокружуваат најдобрите 5.
На самото дно е луксузен американски бренд. Cadillac со 23 поени е полош и од Alfa Romeo (27), Acura (29) и Volkswagen (33). VW има пад од девет места, така што сега е на дното од графиконите. Проблемите се поврзани со електрониката, опремата и системот за гориво.
Кај моделите најлоши се Chevrolet Colorado со 4 и Chevrolet Camaro со само 5 поени.