Правната борба на Британците започна уште во 2015 година, кога адвокатите на Jaguar Land Rover поднесоа тужба против Jiangling Motor Corporation

Окружниот суд во Чаојанг во регионот на Пекинг донел пресуда за забрана на понатамошна продажба на озлогласениот кросовер Landwind X7, можеби глобално најпознатиот кинески џип, токму поради фактот дека дизајнот е верна копија на Evoque.

Во текот на изминатите години, кинезите бесрамно ги копираа производите од најпознатите светски брендови, од правосмукалки до авиони. Но и покрај копирањето на дизајнот од познатите марки на возила како Land Rover, Porsche, Lexus, Mercedes и многу други, ниту еден производ не успеа да забележи успех на пазарот.

Долго време кинеските власти со мочење на некој начин ја поддржуваа оваа кражба на интелектуална сопственост од западните компании, но на крајот адвокатите на Jaguar Land Rover успеле да го убедат судот дека сегашната ситуација е неодржлива. Но не толку лесно.

Имено, Британците тужбата ја имале поднесено против сопственикот на Landwind непосредно по дебите на кросовер моделот Landwind X7 во 2015 година, по што дури и на лаиците им беше јасно дека станува збор за „безкрупулозна“ копија на моделот Range Rover Evoquе, се разбира само дизајнерски гледано.

Првата тужба била одбиена, но потоа пристигна жалба на JLR која била така напишана што судот во Пекинг практично и немал друг избор освен да го забрани производството и продажбата на озлогласениот модел. Одлуката на судот е објаснета со фактот дека кинескиот дупликат има пет клучни карактеристики на дизајнот поради кои, купувачите лесно може да бидат доведени во заблуда дека станува збор за производ на британската компанија, која пак дополнително најави поднесување на барање за надомест на штета во име на настанатите загуби во работењето.

Не е познато дали луѓето од Landwind поднеле жалба на пресудата, но јасно е дека ова се веројатно последните денови на кинеската компанија, која трпи брутален пад во продажбата. Во текот на 2018 година оваа компанија на локалниот пазар продала само 18.800 примероци, со пад од 55,8%. Дури и во најуспешната 2016 година, оваа кинеска марка не успеала да продаде повеќе од 80.000 возила.

За да приказната биде целосна, кинескиот кросовер користи бензински турбо мотор со зафатнина од 1.5 литри кој произведува 161 КС со 250 Nm вртежен момент, со погон на предната оска. Цената на кинеската копија е на ниво од една третина од цената на оригиналниот британски модел.