Кими Раиконен официјално потврди дека тековната сезона ќе биде и неговата последна сезона во Formula 1

Легендарниот Финец, светскиот шампион од 2007 година, одлучи да го напушти октанскиот циркус на крајот од 2021 година.

Оваа можност се споменуваше веќе некое време, погласно во последните недели, за сега и официјално да биде потврдено дека Финецот ја напушта Formula 1 на крајот од тековната сезона. Кими Раиконен својата одлука ја објави преку социјалните медиуми.

“Тоа е тоа. Ова ќе биде мојата последна сезона во Formula 1. Тоа е одлука што ја донесов минатата зима. Тоа не беше лесна одлука, но по оваа сезона доаѓа време за нови работи“.

„Иако сезоната се уште трае, сакам да им се заблагодарам на моето семејство, на сите мои тимови, на сите што беа вклучени во мојата тркачка кариера и особено на сите вас, на големите навивачи кои навиваа за мене цело време.

„Formula 1 можеби е крај за мене, но има уште многу нешта во животот што сакам да ги доживеам и да уживам. Се гледаме после сево ова. Вашиот Кими“, стои во објавата на Instagram.

Оваа вест сигурно ќе растажи голем број фанови на Formula 1, кои го поддржуваат легендарниот Финец уште од неговите почетоци во спортот. Но, со оглед дека ќе ја заврши сезоната на свои 42 години, оваа одлука не е посебно изненадување. Веќе и така во последно време многу се зборуваше за тоа дека Alfa Romeo ќе ги промени двата возачи за следната сезона.

Раиконен во Formula 1 своето деби го имаше на Австралиското ГП во 2001 година со тимот на Sauber. Потоа возеше за McLaren и Ferrari, со кого ја и ја освои својата единствена светска титула во 2007 година.

На крајот од 2009 година, тој одлучи да направи пауза и да вози WRC, за да се врати во F1 како возач на Lotus во 2012 година. Од 2014 до 2018 година, тој повторно беше возач на Ferrari, а актуелната сезона е негова трета во тимот со кој се започна, но сега под името Alfa Romeo.

Кими во моментов е рекордер по бројот на F1 стартови (341). Во кариерата има 21 победа, 103 подиуми и 18 пол-позиции, и ако се се одвива според планот до крајот на сезоната, ќе има уште десет настапи во 2021 година.

Сега со нетрпение ќе се очекува објавата на Alfa Romeo за замената на Кими, а една од опциите е Валтери Ботас – ако Џорџ Расел се пресели во Mercedes, тогаш Валтери Ботас ќе дојде на местото на неговиот сонародник во Alfa Romeo. Отворено е и прашањето за вториот возач, бидејќи позицијата на Антонио Џовинаци е исто така многу неизвесна.