Карлос Таварез е „Човек на годината во автомобилската индустрија“
Португалецот, кој е прв човек на групата PSA, е добитник на престижното признание.
Покрај наградата „Светски автомобил на годината (World Car of the Year)“, помеѓу бројните категории се наоѓа и наградата за личност која особено се истакнала во автомобилската индустрија. Оваа година таа награда е за Карлос Таварез.
Жирито кое ја доделува наградата е составено од 86 членови од 24 земји, а наградата на Таварез ќе му биде доделена на 8 април, пред почетокот на автосалонот во Њујорк, кога ќе биде објавен и победникот во Изборот за Светски автомобил на годината.
Ако се погледне наназад, во годината зад нас и воопшто низ кариерата на Португалецот, навистина воопшто не е чудно зошто токму овој менаџер е добитник на ласкавата награда. Таварез зад себе има феноменална година во бизнисот во која успеа, пред се, успешно да ги заврши преговорите за спојување со Алијансата FCA, „брак“ во кој PSA ќе го има главниот збор, Opel од загубар стана профитабилна компанија!
„Резултатите зборуваат сами за себе. Неговиот мирен, достоинствен, смирен и исклучително ефикасен пристап го истакнува пред другите менаџери. Во средината на неговиот успех е разбирањето на потребите на клиентите, со рафинирано чувство за бизнис. Шлаг на тортата е тоа што помеѓу останатото тој успева да остане добар човек“, рече жирито.
Таварез е само вториот добитник на ова признание откако оваа награда е востановена во 2018 година. Минатата година, постхумно, со оваа титула беше одликуван Серџо Маркионе.