Шесткратниот светски шампион во Formula 1, Луис Хамилтон и седумкратниот шампион во MotoGP, Валентино Роси, на тркачката патека во Валенсија ги заменија своите возачки места

Роси седна зад воланот на Mercedes W08 od 2017 година додека Хамилтон го користеше Yamaha MotoGP YZR-M1 односно истиот мотоцикл со кој „Докторот“ ја заврши изминатата сезона.

Хамилтон веќе има искуство со тркачките моторцикли, со оглед на фактот дека минатата година има поминато еден ден на патеката во Херез, со Yamaha R1 M Superbike.

„Толку е фантастично да се види легенда како Валентино во F1 болид. Возбуден сум за него, бидејќи за прв пат ќе седне во овој болид. Тоа ме потсетува на мојот прв пат во Formula 1 болид. Кога ќе го видите целиот тим околу вас, навистина е огромно задоволството“, изјави Хамилтон.

Коментирајќи го своето возење на Yamahe YZR-M1, Хамилтон додава:

„Беше многу кул да се биде на патеката и да го видам Валентино пред мене на истиот мотоцикл“.

Роси веќе неколку пати има тестирано болид на Ferrari, прв пат во 2002 година, кога започнаа шпекулациите дека ќе се префрли на четири тркала, откако го импресионираше Михаел Шумахер. Неговиот последен тест во Formula 1 беше во 2010 година, иако оттогаш неколку пати се има тркано на четири тркала.

„Порано бев голем обожавател на Луис, а сега сум уште поголем. Поминавме фантастичен ден во кој две од најдобрите класи во мотоспортот не само што се сретнаа, туку и работеа заедно. Се чувствував како вистински возач на Formula 1 на еден ден. Не сакав да заврши денот. Јас, исто така, го возев YZR-M1 на патеката со Луис. Тоа беше горд момент за тимот кој можеше да ја сподели страста со него“, изјави Роси.

„Технички гледано, Валенсија е тешка патека и беше ден со многу ветер, па во еден момент мислев дека ќе биде тешко за Луис, но тој беше брилијантен на моторот и неговата позиција на М1 беше одлична. Мислам дека тој добро се забавуваше, што е главна работа“, дополни Роси.