Луис Хамилтон не е сигурен од каде потекнува толку големиот напредок на Ferrari и дефинитивно е изненаден од брзината на нивните болиди на квалификациите за ГН во Сингапур

Ferrari ги изненади своите ривали, кои беа фаворити за освојување на пол-позицијата, екипите на Mercedes и Red Bull, а Чарлс Леклерц ја освои третата последователна најдобра стартна позиција. Луис Хамилтон успеа да ги одвои двата болида на Ferrari и заврши на второто место во квалификациите.

Ferrari во Сингапур со значителни подобрувања, вклучително и ново предно крило и под на болидот, што овозможи подобра аеродинамика и подобра конкурентност на патеките за кои е потребен поголем downforce, како на пример патеката во Сингапур.

„Не знам како стигнаа до оваа брзина на патека како Сингапур“, вели Хамилтон. „На почетокот од сезоната тие не беа ниту близу. Очигледно, прават добра работа. Не сум сигурен каде губиме, првиот сектор беше лош за нас, а во вториот и третиот сектор сме блиску“.

Хамилтон признава дека во Ferrari направиле голем чекор напред, и Mercedes мора да најде начин тоа да го следи. Mercedes веќе некое време не прави никакви подобрувања на автомобилот, но се надеваат дека идните подобрувања ќе придонесат за подобри резултати.

Минатата година Хамилтон победи во трката откако стартуваше од првата стартна позиција. Оваа година, најдобриот негов круг му обезбеди втора стартна позиција, пред Себастијан Фетел и Макс Верстапен.

Хамилтон вели дека во Mercedes биле свесни дека и Red Bull ќе биде доста конкурентен во Сингапур, но исто така признава дека Ferrari го изненадиле повеќе и не очекувал дека ќе имаат толку добар downforce.

„Одеднаш, тие дојдоа со подобрувања во автомобилот кои очигледно помагаат. Секако не очекувавме дека ќе бидат толку добри и дека ќе бидеме зад нив. Среќен сум што успеав воопшто да ги раздвојам двата болида на Ferrari. Едноставно немавме брзина. Добро е што сите сме вака блиски, тоа би можело да резултира во добри меѓусебни борби“.