ГН на САД: Верстапен подобар во тактичката битка со Хамилтон во Остин / ФОТО+ВИДЕО
Макс Верстапен со добра тактика стигна до осмата сезонска победа, овој пат во Остин пред 140 илјади навивачи со што ја зголеми предноста во генералниот пласман пред Луис Хамилтон, кој беше втор
Подиумот во Остин го допoлни Серхио Перез, вториот возач на Red Bull.
Одличен четврти беше Шарл Леклер (Ferrari), кој со резултатот донесе можеби клучни поени за Ferrari во борбата за третото место во поредокот на конструктори. Како петти заврши Даниел Рикиардо (McLaren), кој успеа да го издржи сериозниот притисок на шестопласираниот Валтери Ботас и седмиот Карлос Саинц (Ferrari) во завршницата од трката. Најдобрата „десетка“ ја затворија осмиот Ландо Норис (Mercedes), деветтиот Јуки Цунода во AlphaTauri и Себастијан Фетел во Aston Martin кој стигна до вреден поен на крајот од трката.
Луис Хамилтон стартуваше одлично. Веќе на стартот успеа да го претекне Макс Верстапен и во првиот круг стекна предност од повеќе од една секунда, за да потоа се стабилизираат и возат еден зад друг во првите 11 круга кога Холанѓанецот прв се реши за менување на гумите.
Набрзо и Луис Хамилтон се реши на истиот чекор, но по промената Верстапен се врати на лидерската позиција и имаше околу седум секунди предност. Потоа, трката за нив двајца влезе во мирна фаза, при што Британецот постепено ја намалуваше разликата во однос на Верстапен.
Тоа ги принуди луѓето од Red Bull да го повикаат Верстапен на втора замена на гумите во 30-от круг. Од друга страна Хамилтон, остана на патеката уште седум круга, со цел кога и тој ќе направи замена да има многу посвежи гуми од Холанѓанецот. По замената на гумите и кај него, младиот Холанѓанец повторно се врати на лидерската позиција со предност од скоро девет секунди.
Со оглед на тоа дека гумите на Верстапен беа постари во трка во однос на Хамилтон, Британецот континуирано ја намалуваше разликата од круг во круг, за да на девет круга до крајот предноста скоро се стопи. Сепак, Верстапен од боксот доби информација дека неговите гуми се во добра состојба, па можеше и тој да го засили темпото. Во следните пет круга Хамилтон дополнително ја намали разликата, но сепак недоволно за да го нападне Верстапен. Макс успеа да ја задржи предноста и да стигне до нов триумф со што ја зголеми предноста пред Британецот и актуелен шампион во генералниот пласман за возачи.
Следната трка се вози за две недели, во Сиудад Мексико на 7 ноември.
Резултати | 2021 United States Grand Prix
Race Highlights | 2021 United States Grand Prix
Изјави по трката | 2021 United States Grand Prix
Макс Верстапен
„Ја загубивме позицијата на почетокот и моравме да пробаме нешто поинакво со стратегијата. Овде деградацијата е доста висока. Бев агресивен и не бев сигурен дека ќе ми се исплати. Во последните неколку кругови беше на граница, но среќен сум што успеав да се одбранам“.
Луис Хамилтон
„Прво, сакам да му честитам на Макс, тој направи одлична работа. Ова беше толку тешка трка и дадов се од себе од самиот почеток. Не можев да барам повеќе од тоа. Благодарност до мојот тим кој направи одлични пит-стопови и работеше напорно цел викенд“.
Серхио Перез
„Практично од почетокот на трката не ми работеше системот за пиење и не можев да се освежам. Беше многу тешко до средината на вториот стинт и ова е можеби најтешката трка во мојата кариера“, кратко изјави Перез, по што им се заблагодари на многуте мексикански навивачи кои дојдоа да му дадат поддршка овој викенд.